Кардиолошкиoт центар Охрид утре со бесплатни прегледи на граѓаните на Кеј Македонија ќе го одбележи Светскиот ден на хипертензијата
ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања-Охрид и оваа година се приклучува во одбележувањето на Светскиот ден на хипертензијата, како една од активностите со кои придонесува во превенција на кардиоваскуларните заболувања.
По повод Светскиот ден на хипертензија утре (17.05.2024) Крка – Фарма ДООЕЛ Скопје во соработка со ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Св.Стефан-Охрид, ќе организира настан за подигање на свесноста на граѓаните на општина Охрид за значењето на хипертензијата како еден од најзначајните ризик фактори кои го засегаат здравјето на луѓето.
– Оваа година го потенцираме значењето на физичката активност во превенцијата од кардиоваскуларен настан и мозочен удар, со потикнување на граѓаните на физичка активност и придржување кон препораките за превенција или терапијата доколку се веќе дијагностицирани, велат од Кардиолошкиот центар Св Стефан.
За таа цел, во периодот од 12.00 до 15.00 часот ќе се прават бесплатни прегледи на граѓаните на два означени пунктови со банери од Крка Фарма Скопје, поставени по Кејот на Охридското Езеро каде ќе се мери крвен притисок и ќе се делат совети и информативни материјали од страна на докторите од оваа институција и присутните претставници од Крка – Фарма ДООЕЛ Скопје.
Во настанот ќе бидат вклучени и пациентите кои се на стационарна кардиорехабилитација.
Хипертензијата ( покачен крвен притисок) согласно податоците на Светската здравствена организација, е одговорна за 7.6 милиони смртни случаи годишно на светско ниво (13.5% од вкупниот број смртни случаи),повеќе од било кој друг ризик фактор. Околу 54% мозочни удари и 47% од коронарната артерриска болест се предизвикани од покачен крвен притисок.