Skip to main content

Одложено денешното рочиште за случајот Пендиков, не се појавија сведоците на обвинителството

Денеска во Основниот суд во Охрид требаше да продолжи судењето за случајот Пендиков, но рочиштето беше одложено поради непојавување на двајца сведоци на обвинителството. Според адвокатот на одбраната полицијата необезбедувајќи го присуството на сведоците, не си ја завршила работата согласно Законот за кривична постапка.
 |  инфодеск  | 

Oдложено уште едно рочиште од судкиот процес за случајот со нападот врз Христијан Пендиков, поранешниот секретар на згаснатиот бугарски клуб во Охрид. Причината за денешното одложување е тоа што во Основниот суд во Охрид не се појавија двајцата сведоци предложени од обвинителството кои требаше да дадат исказ пред судискиот совет. Полицијата не успеала да го обезбедни нивното присуство на судењето бидејќи не биле дома.

Недоаѓањето на сведоците е неспроведување на законски одредби од страна на полицијата, кажа адвокатот на обвинетите.

„ Или неспроведување или непознавање на законот бидејќи не е доволно само да се констатира дека никој не отворил врата, се знае наредбата за приведување што содржи такашто полицијата треба да си води сметка и да го применува Законот за кривична постапка онака како што е предвидено.„- изјави за медиумите, Димитар Цобоски – адвокат на обвинетите.

Непојавувањето на сведоците на денешното рочиште, за застапникот на оштетениот Пендиков, е несериозно. Нивното неспроведување на денешното рочиште зборува дека институциите на системот потфрлаат, изјави адвокатот.

„Дали сведоците биле клучната вечер заедно со обвинетите или со оштетениот доа допрва ќе видиме, ќе произлезе од нивниот исказ којшто ќе го дадат пред судот. Во секој случај ваквото нивно недоаѓање и неспроведување од страна на СВР Охрид ја одолговлекува постапката непотребно. Како што може да се види рочиштата се одржуваат само колку да се презакаже за некој следен датум.“ – изјави Стефан Камишевски адвокат на оштетениот.

Во постапката допрва треба да се сослушаат сите сведоци, вешти лица од областа на медицината и информатички технологии , а доколку одбраната смета дека е потребно може дополнително да се сослушува и оштетениот.

Доколку сведоците не може да се пронајдат, како што беше констатирано на денешното рочиште, Судот може да побара определување притвор поради судење, нешто што денеска и беше најавено од страна на судијата Бојан Мартиноски. Наредното рочиште е закажано за 12 ти јуни.

Пендиков беше нападнат на 19-ти јануари 2023 год во угостителски објект на Кејот на Охридското Езеро, а за нападот се обвинети Илија Спасевски и Борче Ангелев кои се товарат за кривично дело „напад од омраза со тешки повреди“.