Одличен успех на студенти од катедрата за гастрономија на ФТУ на XI гастрономско-туристички фестивал во Ниш
Група студенти од студиската програма по гастрономија при Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, предводени од доц. д-р Климент Наумов, оствари забележителен успех на XI гастрономско-туристички фестивал во Ниш, Република Србија. Станува збор за традиционална гастрономска манифестација од меѓународен натпреварувачки карактер, во организација на Здружението на угостителски и туристички работници „Зоран Мирашевиќ“-Ниш. На манифестацијата годинава учество зедоа над 20 образовни институции од Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Романија и Грција.
Студентите од ФТУ Охрид, Иво Колески, Благојче Сугарески и Влатко Спасевски се закитија со златни и сребрени медаљи и дипломи за подготовка на специјалитети од месо и риба на модерен начин, подготовка на национално јадење во котел на оган и подготовка на традиционални национални специјалитети, како и пехар за освоено прво место во соодветните категории.
„Студентот Иво Колески се закити со сребрен медал и диплома за подготовката на модерно јадење (телешки котлет со аспарагус и демиглас сос). Студентот Благојче Сугарески се закити со сребрен медал и диплома во категоријата модерни спецјалитети и подготви свинско каре во су вид послужено со турниран морков и компир и путер сос. Студентите Влатко Спасевски, Благојче Сугарески и Иво Колески тимски подготвија гулаш во котел на оган и за специјалитетот добија сребрени медали и дипломи. Во категоријата традиционални-национални специјалитети истиот тим студенти подготви турли-тава, селско месо, тавче-гравче, традиционална салата со домати и сирење, охридско макало, ајвар, пинџур и леб од кисело тесто.“ – информира доц. д-р Климент Наумов
Здружението на угостителски и туристички работници Зоран Мирашевиќ од Ниш, го награди ФТУ Охрид со златна диплома во двете категории за екипно учество. Претседателот на здружението г-ѓа Анчица Димитријевиќ, му врачи благодарница за особен придонес во развојот на гастрономијата, угостителството и туризмот на д-р Климент Наумов. Доц. д-р Климент Наумов беше удостоен со голема чест да биде дел од претседателството на судискиот одбор заедно со познатиот Стево Карапанџа и Смилјан Стојаниќ.
Во престојниот период студентите кои активно учествуваат на теоретските и практичните предавања по предметите: Основи на готварство, Национална кујна, Техники на послужување и Кетеринг на ФТУ Охрид ќе имаат можност да учествуваат и на други значајни гастрономски манифестации.