Skip to main content

На охридскиот плоштад танцуваше младоста, матурантите го одиграа Квадрилот

Денеска на охридскиот плоштад танцуваше младоста. Околу 300 матуранти го заиграа квадрилот и свечено зачекорија во нова етапа од животот. Градоначалникот им порача дека градот е горд на нив, им посака успех и да не се откажуваат од своите соништа.
 |  инфодеск  | 

Охридските матуранти го заокружија средношколското поглавје од својот живот со традиционалната матурска парада. Денеска на градскиот плоштад околу 300 момчиња и девојки од охридските средни училишта го заиграа Квадрилот. Во танцот на младоста на препознатливите звуци од Штраусовата опера Лилјакот и во сценографијата со сини и бели чадори уживаа родители, баби и дедовци, минувачите и гостите, но најголема беше радоста и свеченоста на лицата на матурантите.

  • Се чувствувам супер, задоволна од моето училиште. Доаѓам од гимназијата „Св. Климент Охридски“ и планирам да продолжам со образованието во Скопје на Факултетот за туризам. Се подготвуваме повеќе од два месеци, одлично течеа подготовките и професорката е супер, вели Јана Ѓурчева.
  • Денес се чувствувам преубаво. Доаѓам од гимназијата „Св. Климент Охридски“. Образованието ќе го продолжам во Германија на некој од факултетите, вели Бојан Калај.
  • Среќна сум што завршив средно училиште во охридската гимназија и сега здравје ќе продолжам на Економскиот факултет во  Скопје, вели Ема Наумоска.
  • Супер се чувствувам денес што сме во олкав број. Образованието планирам да го продолжам на Факултет за криминалистика, вели Бурак Рахман.

На матурантите им се обрати градоначалникот Кирил Пецаков посакувајќи им успеси во иднина. Денешниов е ден на радоста, ден на убавината, на младоста, ден што означува крај на една и почеток на друга, многу важна етапа од животниот циклус на нашите матуранти на кои сме горди, рече во своето обраќање градоначалникот.

„Ученици мои, на сите вас поединечно ви посакувам успех во иднина. Со голем ентузијазам и нескротлив дух реализирајте го сето она коешто сте го замислиле а е за општо добро. Не е важно дали ќе го продолжите своето образование или ќе изберете занает, важно е сработеното да биде со љубов и желба. Тајната на успехот во животот не е да се работи тоа што се сака туку да се сака тоа што се работи. Работете вредно и чесно и не скршнувајте од патот и никогаш не се откажувајте од своите соништа . Сонувајте, затоа што соништата секогаш се исполнуваат на оние кои се вложуваат да ги реализираат.„ – кажа во обраќањето пред присутните градоначалникот Пецаков.

Пораката до генерацијата ја испрати Константина Крежеска од охридската Гимназија, која изрази голема благодарност до професорката Катерина Стојаноска за организација и подготовката на парадата.

„ Да им посакаме на матурантите да продолжат да чекорат гордо како и досега и пред се да останат добри луѓе. – рече Крежеска.

Инаку, парадата на матурантите започна во далечната 2001 година во Словенија, а нејзин идеен творец е Томаж Амброж од танцовата школа „Уршка” во Љубљана.

Евелина Арнаудова