Skip to main content

Седница на Совет на Општина Охрид

Без субвенции од општината дел од охридските јавни претпријатија не можат да функционираат

Во фокусот на 41-та Седница на Совет на Општина Охрид беа јавните претпријатија. Советниците ги усвоија Извештаите за работењето и остварените резултати на претпријатијата за првиот квартал од годинава. Опозицијата повторно со забелешка дека дел од јавните претпријатија и понатаму функционираат благодарение на субвенциите од страна на општината и се далеку од финансиска стабилност .
 |  Маја Савиќ  | 

Извештаите од работењето на јавните претпријатија за првиот квартал од годината не претставуваат целосна и вистинска слика за тоа каква е состојбата, но претставуваат појдовна основа која ја прикажува насоката во која ќе се движи годинава едно јавно претпријатие, рече советничката Живка Ангелоска на денешната седница на совет. Таа посочи дека и понатаму дел од претпријатијата функционираат благодарение на помошта од општината. Во првиот квартал од годинава како субвенции од локалната ЈП Водовод добило 3,5 милиони денари, 1,5 милиони добило ЈП Нискоградба, 2,8 мил. денари за ЈП Градски пазар и 500 000 ден за ЈП Градски гробишта. Јп Билјанини извори има собвенционирање за користење на спортските терени и објекти од 1,5 мил денари.

Според координаторката на советничката група на СДСМ, субенциите им помогнале на ЈП Нискоградба и Водовод да го завршат кварталот со позитивен резултат. ЈП Градски Гробишта, постигнало доста подобри резулати споредено со преходната година и без влијание на субвенциите. Но претпријатијата Билјанини извори, Охридски комуналец и Градски Пазар и покрај помошта од општината покажале загуба. Охридски комуналец има загуба 5 мил денари и намалени приходи од ѓубретарина, а со најголем број вработени има најголеми трошоци за плати, и треба да биде во фокусот на внимание на општината поради своето големо значење за градот, истакна Ангелоска.

„Имајќи предвид дека е далеку помало претпријатие, состојбата е полоша во Градски пазар кое во првиот квартал има загуба но интересно е тоа што од финансискиот извештај се гледа дека добило субвенции од општината од 2,8 мил денари , а само претпријатието направило приход од 2,7 милиони ден. Доколку се погледне колку било потребно за плата ќе се види дека за 3 месеци му биле потребни 5,3 мил денари, што значи без помош од општината ова јавно претпријатие нема да можело да подели плата на вработените.“ – кажа Ангелоска.

Ваквата состојба во Градски пазар многу е веројатно да се промени во претстојниот период со оглед на тоа што на денешната седница беше усвоена одлука со која Општина Охрид на ова јавно претпријатие му го пренесува правото и обрската да стопанисува, да ги одржува и да врши наплата на надоместокот од закупнина за издадените локации за урбана опрема покриени и непокриени шанкови.

„Со ова би го помогнале работењето на јавното претпријатие и наместо средства преку субвенции би им дале можност преку наплатата на закупнината за урбаната опрема каде веќе се склучени договорите да може подобро да функционира. “ – кажа Александар Китески, секретар на Општина Охрид.

На седницата беа изгласани сите точки на дневниот ред како извештаите за реализацијата на програмите на локалната самоуправа за првото тромесечје и остварувањето на буџетот, алокација на средства во буџетот со измени во програмите од сферата на основното, средното образование и здравствена и социјална заштита.

На седницата координаторката на советничката група на СДСМ упати честитки до советниците од ВМРО ДПМНЕ за победата на парламентарните избори и до претседателот на Совет Сашо Донев кој ќе биде пратеник во новиот состав на Собранието. Донев пред да ја затвори последната седница со која претседаваше им се заблагодари на советниците за соработката и им посака успех во понатамошната работа.