Skip to main content

Свиндал најбрз на машкиот супервелеслалом на ЗОИ во Ванкувер

Норвешка ја потврди доминацијата во супервелеслаломот на Зимските Олимписки игри откако синоќа Аксел Лунд Свиндал го освои златниот медал и го наследи Кјетил Андре Омот, двократниот олимписки шампион.

 |  Маја Савиќ  | 
Svindal
Свиндал

SvindalНорвешка ја потврди доминацијата во супервелеслаломот на Зимските Олимписки игри откако синоќа Аксел Лунд Свиндал го освои златниот медал и го наследи Кјетил Андре Омот, двократниот олимписки шампион. И Американците повторно имаа радосни моменти откако Боде Милер ја освои втората позиција, а изненадување направи Ендрју Вајбрехт со третото место.

Полека и нордијците на Норвешка излегуваат од кризата. Марит Бјерген по осмиот ден е најуспешната на Игрите со три медали – две златни. Бјерген на крос кантри трката 15 километри пурсуит (7,5 километри класично + 7,5 километри слободно) ја задржа предноста и триумфираше пред Ана Хаг од Шведска, која пак за 4 десетинки беше побрза од Јустина Ковалчук од Полска.

Велика Британија е 26-тата држава која освои медал во Ванкувер откако Еми Вилијамс беше најбрза на скелетон трките, пред Германките Керстин Симковјак и Ања Хубер.
Кај мажите нов златен медал за Канада донесе Јон Монтгомери, среброто му припадна на Мартинс Дукурс од Летонија, а бронзата ја освои Александар Третјаков од Русија.

На натпреварите во хокеј беше комплетирано 2.коло кое синоќа мина без изненадувања.
Во рамките на  Б групата Чешка ја победи Летонија со 5:2, додека во дуелите од Ц групата Шведска – Белорусија 4:2 и Финска – Германија 5:0.

Денеска на деветиот ден од Игрите ќе бидат доделени медали во шест дисциплини: супервелеслалом кај жените, скокови на големата скокалница, машкиот крос кантри пурсуит 30 километри (15 класично + 15 слободно), трката на 1.500 метри мажи брзо лизгање и шорт трек 1.500 метри жени и 1.000 метри мажи.

{loadposition content}