Општина Охрид ќе овозможи реализација на практична обука и феријална пракса за учениците од СОСУ „Св.Кирил и Методиј”
Општина Охрид ќе овозможи реализација на практична обука и феријална пракса во просториите на општината за учениците од СОСУ „Св.Кирил и Методиј”, профил економски техничар.
Оваа активност е предвидена во Меморандумот за соработка, кој Општина Охрид го склучи со ова училиште, со цел да го промовира и унапреди средното стручно образование, како атрактивен и привлечен избор на кариера. Исто така, практичната обука ќе значи и вложување во квалитетот на образованието, кое е важно за успешна иднина на учениците но и за градот и државата.
Учениците од I, II и III година, преку реализацијата на праксата, ќе инвестираат во сопствената иднина, теоретските знаења ќе ги поврзат со практични вештини, ќе стекнат вештини за тимска работа, дисциплина, комуникација, решавање на проблеми односно ќе почнат да градат свои ставови и ќе размислуваат за својот личен развој.
За успешна реализација на феријалната пракса, од страна на Градоначалникот, Кирил Пецаков ќе биде определен соодветен ментор. Менторот преку почитување на планот и програмата добиени од координаторот за пракса, определен од училиштето, ќе ги пренесе своите искуства, знаења и вештини на учениците.