Рекреативниот риболов да се врати во туристичката понуда на Охрид
Охрид со езерото и Галичица има огромен потенцијал за развој на алтернативниот туризам. Последниве години се поголем е бројот на странски гости кои ја посетуваат нашата најпозната туристичка дестинација во потрага по нешто повеќе од плажа и уживаат во планинарење, нуркање, едрење, параглајдинг. Љупчо Стојкоски – Лепи, туристички работник и риболовец со години се обидува туристичката понуда на градот да ја збогати со уште една атрактивна содржина, рекреативен риболов на Охридското Езеро. Туристите што сакаат да рибарат на Охридското Езеро се рекреативни рибиловци, најчесто тоа се гостите од Холандија, Полска и Англија, но не може да им се организира таква активност бидејќи нема концесија за рекреативен риболов на езерото, вели Стојковски.
„Има интерес, но нема дозвола за рекреативен риболов и не може тоа да се прави. Додека имаше концесија за рекреативен риболов тоа јас го практикував и имаше интерес. Јас тргнувам од себе, кога одам некаде на одмор, на море или езеро , како риболовец сакам да рибарам. Така и овде доаѓаат и прашуваат. Баш еден гостин од Скопје прашуваше, сакал со детето да одат на риби и му кажав дека нема концесија. Значи не само странските туку и гостите од земјава исто сакаат да одат на риби.“ – вели Љупчо Стојкоски – Лепи -туристички работник и рекреативен риболовец.
Туристите заинтересирани за рекреативен риболов се вљубеници во природата, за кои ловот на клен од кајче на бистрото езеро и во прекрасната природа е несекојдневно и незаборавно доживување. Тоа треба да се продава како туристичка приказна, со обезбедување соодветна риболовна дозвола за соодветен тип на риба, со организирање на рибарски излети со кајче или на брегот на интересни локации. Рекреативните риболовци бараат што поскоро Охридското езеро да добие концесионер и повторно да може рекреативно да ловат одреден вид на риба. За да се зачува фондот на ендемичните пастрмка и белвица екологистите и спортските риболовци апелираа езерото да не се издава под концесија за стопански риболов.
„Јас како рекреативен рибар јас сум најмногу по клен, крап, плашица , не можам точно да кажам во врска со рибниот фонд, има риба, прецизни податоци треба да дадат научниците од Хидробиолошки, а ние вака како рибари и 100 риби да видиме тоа за нас е многу . Ако е туристот риболовец ќе има интерес кај него без оглед од која држава е. Затоа молам кој е надлежен за тоа да даде концесија за рекреативен риболов. “ – вели Стојкоски.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во 2022 година распиша Јавен повик за доделување на концесија за организирање рекреативен риболов, но Рекреативна зона „Охридско Езеро“ беше изземена од повикот, на што тогаш реагираше градоначалникот на Охрид дека тоа го кочи развојот на алтернативниот туризам во најголемиот туристички центар, а на гостите кои рекреативно ловеле риба од брег им биле поднесувани пријави.
Евелина Арнаудова
фото: Ѓоко Симјаноски