Skip to main content

Рекореден број учесници на „Охрид трчаТ“

Организаторот ги повика охриѓани масовно да излезат да ги проследат спортските настани и да се дружат и забавуваат со богатата програма на 8. издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“.
 |  инфодеск  | 

На 8. издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“, што ќе се одржи од денес до недела, учество ќе земат рекордни 2200 натпреваривачи од 31 држава. Гостин на спортската манифестација ќе биде претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова. Ова беше истакнато на прес конференција на која беа соопштени деталите за годинешното издание на „Охрид трчаТ“.

Осмото издание на „Охрид трчаТ“ според статистиката и бројките е рекордно. Особено не радува што во овие години изградивме имиџ и квалитет кои придонесоа бројките да бидат такви какви што се. Изразуваме благодарност на Општина Охрид, градоначалникот Пецаков, на сите јавни претпријатија и СВР Охрид кои несебично ни помагаат за да можеме да ја реализираме нашата визија. Овој настан одамна ги помина границите на Македонија и верувам дека во наредните години тој ќе расте уште повеќе, истакна Иван Цветкоски од АК „Охрид трчаТ“ – организатор на спортската манифестација.

Денеска започна „експото“ на „Охрид трчаТ“, каде натпреварувачите можат да ги подигнат стартните пакети, ќе се одржи и работилница, а вечерта е резервирана за ноќната трка и концерт на „Камелеон“. Во сабота, 1 јуни, продолжува експото, а предвидени се рекреативни разгледи на градот и знаменитостите околу Охридското Езеро на гостинските делегации. На пладне ќе се одржи „Warm Up“ со Имлек протеин, а во 17 часот ќе се одржи панел дискусија „Децата и спортот“.

Главниот настан во недела, 2 јуни, почнува во 07:45 часот. Стартот на трката на 21 километар е во 08:15 часот, додека трката на 5 км стартува во 9 часот. Предвидена е и богата забавна програма за учесниците со диџеи, фан зони  и зони за освежување.

о оваа прилика јавно се заблагодарувам на организаторите кои целиов период вредно работеа за се да  биде совршено добро со беспрекорна и богата програма којашто  ветува успешно издание. Од 7 до 77 години, сите охриѓани се вклучени во „Охрид трчаТ“, истакна на прес конференцијата градоначалникот Кирил Пецаков кој денеска го подигна стартниот пакет и ќе земе учество во рекреативнната трка на 5 километри.

Новина оваа година е што трката на 21 километар ќе се трча само еден круг, додека трката на 5 километри останува немпроменета.

Во интерес на натпреварувачите, но и на самата манифестација вклучивме повеќе улици во трката на 21 километар . Стартот на полумаратонот е во 8:15 часот по што учесниците се движат по булеварот „Македонски Просветители“, „Димитар Влахов“, бул. „Туристичка“ кој ќе се трча по цела должина, „Горна Порта“, „Илинденска“, „Коста Абраш“, покрај езерото кон хотел „Инекс Олгица“ и повторно се враќаат назад кон целта. Ги замолувам сите граѓани на Охрид и туристи да излезат и да им дадат поддршка на натпреварувачите меѓу кои ќе биде и Дарио Ивановски, кому ова му е последна трка во Македонија пред настапот на Европското првенство во Рим и засега е единствен наш Олимпиец, истакна Јоне Станкоски од АК „Охрид ТрчаТ“.

За безбедноста и сигурноста на учесниците ќе се грижат бројни волонтери и припадници на охридската полиција. Организаторот посебно ја нагласи соработката со СВР Охрид која, како што беше посочено, оваа година е на највисоко ниво до сега.

Манифестацијата „Охрид трчаТ“ е од исклучитечно значење за заедницата и сите субјекти вклучени во неа треба максимално да се вложиме за таа успешно да се реализира. Освен сообраќајниот проект, излеговме повеќе пати на терен, посочени се местата каде имало проблеми во минатото со цел да се отстранат. СВР Охрид и Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај испланира доволен број службеници за успешно обезбедување на патеката и учесниците. Вклучени се сите наши ресурси и во оваа прилика упатувам апел до граѓаните на Охрид, од кои секогаш имаме разбирање, да ги почитуваат насоките и инструкциите на полициските службеници кои ќе бидат на терен за се да мине во најдобар ред, рече Владо Аслимоски – командирот на Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај при СВР Охрид.

Организаторот ги повика охриѓани масовно да излезат да ги проследат спортските настани и да се дружат и забавуваат со богатата програма на 8. издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“.