Забава, дружење, промоција на бизнис-идеа и на здрави животни навики во СОСУ „Св Кирил и Методиј“
Денеска во СОСУ „Св Кирил и Методиј“ по повод Светскиот ден на велосипедизмот се одржа ревијален настан „Вози велосипед, уживај и профитирај“. Целта на овој иновативен проект е да се покаже дека со вклучување на велосипедизмот во животниот стил, велосипедистите не само што можат да уживаат во физичките и менталните придобивки од усвојување здрави животни навики туку можат и потенцијално да заработат приход од рекламирање компании.
На настанот учествуваа преку 60 велосипедисти, ученици од економското училиште. Идејата е со голем интерес прифатена од учениците кои во ваквите настани гледаат можност и практично да ги прикажат теоретските знаења со кои се стекнуваат во училиштето, вели ученичката Теодора Спировска.
„Овој денешен настан не поттикнува да размислуваме на бизнис идеи насочени кон иновативен и економичен начин на заработка. Овде денес има забава идружење. Се промовираат бизнис идеи и се промовираат здрави животни навики. Целта е и да се намали стресот, а да се зголеми активноста кај младите. И како иден економист посакувам да заработувам на еколошки и иновативен начин.“ – кажа ученичката Теодора Спировска.
Партнери на настанот беа околу 27 компании од Охрид. Професорката Весна Карамитре, како дел од организацијата на настанот истакна дека од големо значење е поддршката од сите локални бизниси, како и поддршката од Општина Охрид и соработката со СОСУ „Св. Кирил и Методиј“.
„Идејата на овој настан беше да се направи иновативен маркетинг со велосипеди каде учесниците ќе возат реклами од локални бизниси. Она што многу ни значеше да направиме спој помеѓу бизнисот и здравиот начин на живот, здравите навики. Затоа и го смисливме ова како бизнис идеја да испромовираме дека едноставно може да се заработува и со возење велосипед и со грижење за своето здравје. Прва година го реализираме овој настан, но наидовме на голем интерес, истакна Проф. Весна Карамитре.
Настанот го отвори директорот на училиштето Ристе Јанкоски кој рече дека образовната установа не само што ги промовира успесите туку и ги поттикнува своите ученици да размислуваат за бизнис идеи насочени кон иновативен и економичен начин на заработка.
„ Затоа во соработка со Здружението за едукација, култура и младински активизам „Граѓански Интегритет – Охрид“ ја поддржавме бизнис идејата која на велосипедистите им овозможува на велосипедистите да заработат приход преку возење велосипед. Нашето економско училиште не само што поддржува бизнис идеи, ги поддржува и ученици за возење велосипед како остварлив и одржлив начин на транспорт и економска активност, истакна Јанкоски.
Учениците добија кратка практична обука за стекнување на велосипедски вештини од страна на Јован Јованоски претставник од велосипедски клуб Еко Дром, по што започна турата со велосипеди во урбаните области, придружена од претставници на СВР Охрид. Проектот „Вози велосипед, уживај и профитирај“ е на Здружението за едукација, култура и младински активизам „Граѓански Интегритет“ – Охрид ,поддржан од Општина Охрид и локални бизниси.