Skip to main content

МПЦ

Канонизација на светите Спасе и Спаса Вишенски

Синодот на Македонската Православна црква, на предлог на комисијата за канонизација одлучи светите Спасе и Спаса Вишенски да ги вброи во диптихот на светии, односно им одреди датум на нивно прославување.
 |  инфодеск  | 

Викендов, во храмот „Свети Атанасиј“ во селото Вишни и во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид, ќе се случи свечениот чин на канонизација на новите македонски светци Спаса и Спасе Вишенски. Со овој чин всушност ќе се стави крај на еден процес кој е започнат пред речиси еден век, со откривањето на моштите на света Спасица Вишенска, како што ја нарекуваат мештаните, во далечната 1927 година.

Светите Спасе и Спаса се светители од отоманскиот период. Света Спаса има двоен венец, исповеднички и маченички, односно, како девственица му се предала на Христа бога, завршувајќи го својот живот маченички, слично како света Злата Мегленска и голем број други светителки од нашево поднебје, како Ангелина и Хирана Солунски. А Свети Спасе, проповедајќи го евангелието Христово, сведочејќи за верата Христова, бил постојано малтертиран поради тоа и на крај се упокоил мирно некаде, претпоставуваме дека тоа е околу пештерната црква во Вевчани, посветена на Вознесението Христово, кажа отец Александар Димовски.

Канонизацијата ќе започне во сабота, на 8-ми јуни, во храмот „Свети Атанасиј“ во струшкото село Вишни, каде ќе се отслужи вечерна богослужба, по што моштите на света Спаса ќе бидат измиени и префрлени во нов кивот (кутија) и ќе бидат пренесени во црквата „Света Софија“ во Охрид. На 9ти јуни, на Литургија со која ќе чиноначалствува Неговото Блаженство архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со сите архиереи на помесната Црква, ќе биде обнародена одлуката за впишување во списокот на светиите, на праведните Спасе Вевчански и Спаса Вишенска.
Откако се откриени моштите на света Спаса, до денес, постојано слушаме за нивната чудесна моќ, односно за силата на нивните застапништва, вели отец Александар Димовски.

Знаеме за многу исцеленија што ги направила Света Спаса. Знаеме за таа светлина што секоја година оди од едната пештерна црква над Вевчани, до другата над Вишни. На чудесен начин се откриени и моштите на Света Спаса во далечната 1927 година, кога таа се јавува на една парализирана немоќна жена и жената кога се допира до нејзините мошти, таа се исцелува. Потоа и за една друга жена Марија, која во знак на благодарност кон светителката што го исцелила нејзиниот маж, ја порачала сребрената маска од романија, која се наоѓа денес во кивотот со моштите на Света Спаса, и сите овие чуда, уште од 1927 година сведочат за чудата на Света Спаса, вели отец Александар Димовски.

Датумот за прославување на Спасе и Спаса Вишенски секогаш ќе биде во неделата пред Спасовден, односно, ќе биде секогаш во недела, а ќе се менува датумот на прославување.