14 јуни насекаде во светот се одбележува како Светски ден на крводарителството.
На овој ден Црвен крст Охрид искажува искрена благодарност, признание и почит на сите оние хумани луѓе, крводарители кои несебично и без резерва ја покажале својата хуманост дарувајќи крв, но и до екипите на Служба за Трансфузија-Охрид, вработените и волонтерите на Црвен крст Охрид и сите оние поединци, фирми, институции кои вложија труд, креативност и средства за поддршка и помош во реализација на крводарителските акции. На сите овие чинители ги поврзува една иста, многу значајна благородна и хумана работа-сите тие со својот ангажман придонеле да се спасат човечки животи, велат од Црвен Крст – Охрид.
Оттаму ја најавуваат нивната следна крводарителска акција која ќе се реализира на 19.06.2024 г. (среда) во компанијата „КОСТАЛ“ во Охрид, од 9-13 ч., која ќе има за цел да ги задоволи потребите за крв и крвни продукти на пациентите во здравствените установи во Охрид.