Skip to main content

По 23-ти пат натпреварот „Охридски бисери“ во Охрид донесе млади музички таленти од цел свет

Во катедралната црква Св Софија деновиве се одржува меѓународниот натпревар за млади музичари Охридски бисери. Овој натпревар со својот програмски концепт и строгата селекција на учесници е високо рангиран и препознатлив во Европа и светот. Сите љубители на класичната музика, вечерва на завршниот концерт ќе можат да уживаат во изведбите на најдобрите во дисциплините пијано, виолина и камерна музика.
 |  Маја Савиќ  | 

90 млади музичари од 18 земји од Европа и светот учествуваат на Меѓународниот музички натпревар “ОХРИДСКИ БИСЕРИ” кој по 23-ти пат се одржува во Охрид. Годинава младите уметници на возраст од 9 до 25 години се натпреваруваат во дисциплините пијано, виолина и камерна музика. Нивното музицирање во прекрасниот амбиент во Катедралната црква “Св. Софија” го следи интернационално жири составено од врвни музички уметници и педагози од реномирани академии.

Оваа година вистинско изненадување приредуваат најмладите учесници кои воодушевуваат со своите изведби, вели професорката по виолина Јулија Биринскаја која е член на стручното жири. Додава дека музичкото општество има светла иднина во овие млади надежни музичари.

„Ми претставува чест што сум поканета да бидам во жирито на интернационалниот натпревар Охридски бисери. Морам да признаам дека квалитетот на натпреварот , на учесниците, е секогаш на едно многу високо ниво. Трет пат сум во жири комисијата и интересно е да се набљудува како со секое издание еволуира овој натпревар, има се повеќе земји учеснички и одлични млади музичари. Местото каде што се одржува натпреварот, црквата Св Софија е прекрасна. Духовноста и атмосферата дополнително ги инспирира музичарите, а акустиката е апсолутно извонредна, посебна и различна од концертните хали, дури подобра.“ – вели Проф. Јулија Биринскаја, виолинистка и музички педагог.

„Охридски бисери“ повеќе од две децении поставува високи стандарди во однос на програмскиот концепт и строгата селекција на учесници и наградени, па така, привлекува квалитетни млади уметници од целиот свет. Голем дел од младите таленти кои токму на овој натпревар го имале првиот успех како ученици или студенти, подоцна станале музички педагози и интрументалисти кои концертираат низ целиот свет и во својата биографија го наведуваат учеството на Охридски бисери, на што претседателот на натпреварот, Ѓорѓи Улишев е посебно горд.

„Натпреварот е веќе сврстен во високо рангирани меѓународни натпревари, членка е на EMCY (European Music Competitions for Youth) Европска асоцијација на музички натпревари за млади, а имаме веќе и најава и од Светската асоцијација на музички натпревари дека ќе го посетат натпреварот и бараат да аплицираме за членство. Јас сум многу среќен што натпреварот е препознатлив не само во Европа туку интерес покажува и Светската федерација на музички натпревари.“ – вели Ѓорѓи Улишев, претседател на натпреварот.

„Охридски бисери“ е првиот организиран меѓународен натпревар за класична музика во Македонија, кој започна во 2002 година, а по повод 20 годишниот јубилеј доби монографија која претставува сведоштво за неговиот развој, но и промоција на градот Охрид.

„Во книгата се поместени огромен број податоци, фактографија, се она што е интересно и што се случувало во изминатите давесет години на натпреварот Охридски бисери. Самиот процес на изготвувањето на таа книга за мене претставуваше едно многу интересно патување бидејќи имав можност да бидам во контакт, да соработувам и да ги дознаам најнепосредно сите случувања на Охридски бисери во тие 20 години од бројни учесници и членови на комисиите и сите заедно создадовме едно сведоштво кое ќе остане траен белег. “ – вели Викица Костовска Пенева, авторка на монографијата и дел од организација на натпреварот.

Завршниот концерт на годинешниот натпревар ќе се одржи вечерва во Св Софија во 21 часот, на кое ќе настапат победниците во сите категории и ќе имаат можност да освојат Гран при златна, сребрена и бронзена плакета и парична награда. Влезот е слободен.

На натпреварот ќе бидат доделени и специјални награди од Фондацијата “Томислав Зографски”, Сојуз на композитори на Македонија и Сојуз на музички уметници на Македонија. А Европската асоцијација на музички натпревари за млади доделува награда за исклучителна музичка изведба која се состои во промоција на уметникот. Натпреварот „Охридски бисери“ е поддржан од Министерство за култура и Општина Охрид.