Секое трето дете во земјава се соочува со дебелина
Дебелината кај децата – глобална епидемија и голем предизвик за јавното здравје. Едно од три деца на возраст од 7 до 9 години, во земјава се соочува со прекумерена тежина, покажа истражувањето на УНИЦЕФ.
Главните причини се зголемен внес на енергетски заситена храна богата со масти и шеќери, но и намален степен на физичка активност. Воедно, нездравата храна е многу подостапна во близина на училиштата.
„Статистиката покажува дека едно од три деца се соочува со дебелина во целиот регион, вкучувајќи ја и С. Македонија. Проблемот е тоа што децата не разбираат дека во подоцнежниот развој имаат ризици да се соочат со бројни болести како дијабетес, висок крвен притисок, срцеви заболувања. Важно е здраво хранење од самото раѓање, доење и здрава храна за да растат здрави”, вели Карен Кортни специјалист нутриционист од УНИЦЕФ.
Потребни се итни мерки, заедничко делување, подобрување на политиките, како и подигнување на свеста и континуирана едукација на населението.
„Секој од свој аспект треба да придонесе да видиме што е тоа што треба да се менува и во политики и регулативи и во однесување дури и во маркетинг се со цел да обезбедиме поголема свесност но и пристапност кон здрава храна”, вели Вера Кундиќ Миткоска специјалист за образование во Уницеф.
Клучните пречки за подобра исхрана во земјава се високите цени на здравата храна, но и ниските цени и интензивното рекламирање на нездравата храна.
Новинар Соња Рилковска