Денес староградска вечер во Лапидариум
Културолошката иницијатива 5 до 12 денес организира староградска вечер на културата во Музејско-културниот центар „Лапидариум” каде посетителите ќе можат да уживаат во еден моќен спој на уметности кои ќе говорат за Охрид и традицијата.
На настанот посетителите ќе можат да уживаат во изложбата на фотографии „Староградска пловидба низ годините“ и во поетското читање „Имам нешто да ти кажам“, а ќе биде прикажана и премиера на краткометражен документарец „Бело платно“.
„БЕЛО ПЛАТНО” е краток аудиовизуелен пејсаж на манифестација на Петровден – Староградската пловидба со кајчиња по Охридското Езеро со ВИС “Билјана” Охрид „Ој љубов, љубов” во организација на Културолошка Иницијатива 5 до 12. Зборува за обичајот за Петровден, каде што секоја година жителите и рибарите на овој бисер на Балканот го слават овој празник со заедничко излегување на Езерото, во придружба на староградскиот ансамбл ВИС „Билјана”. Некогаш оваа манифестација се одржуваше на самото крајбрежје со охридски чун, а поради забраната за собири за време на Ковид пандемијата, манифестацијата почна да се одржува на самото Eзеро, давајќи нов поттик на долгогодишната традиција. Документарецот ,,Бело платно” е изработен од екипата на Društveni centar KROV и Visual Anthropology Center /VAC/, велат организаторите.
Настанот почнува во 20 часот, а влезот е бесплатен.