Јаневска: Ќе направиме сѐ што е потребно во РЦСОО „Ванчо Питошески“ новата учебна година да започне со настава со физичко присуство
Ќе направиме се што е потребно учениците во РЦСОО „Ванчо Питошески“ новата учебна година да ја започнат со настава со физичко присуство, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешниот увид во инвестициите од ресорното министерство во училиштата во Охрид.
„ Овој објект, за жал малку подолго се изведува , но веќе е при крај и јас се надевам дека од 1-ви септември ќе може да се почне со работа, е вложено 110 милиони денари . Јас сум презадоволна од она што го гледам и се надевам дека учениците од 1-ви септември ќе уживаат во образованието овде со тоашто сакам да нагласам дека вчера обезбедивме јавна набавка и за опремата во училиштето шкафчиња, столчиња, клупи, табли, такашто ќе биде спремно да се почне настава со физичко присуство. Ќе се направи дополнително се што е потребно. “ – изјави министерката.
На увидот во угостителско туристичкиот училишен центар министерката ја придружуваа градоначалникот Кирил Пецаков, директорот на училиштето Марјан Радески, кои заедно со претставници од јавните претпријатија дискутираа за надминување на проблемите и успешно завршување на реконструктивните зафати до стартот на школската година.
Министерката информираше дека МОН има инвестиција и во основното училиште „Св. Наум Охридски“ во Пештани, каде, како што рече со 8 милиони денари се изврши поставување на енергетски ефикасна фасада и се адаптираше тоалет за ученици со посебни потреби.
„Наскоро ќе ја опремиме и спортската сала во училиштето, со сите оние реквизити неопходни за обавување на повеќе популарни спортови – фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, гимнастика…Значи ќе набавиме кошеви, голови, мрежи за одбојка, клупи, топки и така натаму и тоа ќе биде завршено до крајот на тековната година, како што предвидува веќе склучениот договор“, нагласи министерката.
Министерката посочи дека сеуште се работи на согледување на можностите во училиштата за воведување на едносменска настава, при што истакна дека во Охрид има услови за тоа.
Јаневска се осврна и на Одлуката за одложување на имплемнтацијата на концепцијата за седмо, осмо и деветто одделение која помина на Влада. Истакна дека после долги консултации со Бирото за образование бил донесен заклучок дека стопирањето на програмите нема да има ефект врз образованието на децата.
„Во меѓувреме тече и јавна расправа во однос на програмите кои беа по концепцијата за наставниците, родителите, учениците, да можат да дадат свои сугестии што во пракса се покажало дека не е добро и не функционира, за деветто половина програма е готова и тука ќе се реагира.Ние ќе ги прибереме сугестиите ќе ги анализираме и ќе видиме што од сето тоа е корисно. После анализата ќе ги направиме промените и ќе почнеме со новите програми прво за седмо, па за осмо, па за деветто одделение. “ – кажа Јаневска.
Министерката Јаневска кажа дека е убедена дека учебници ќе има за сите од 1-ви септември, освен за странските јазици.