Skip to main content

едриличарство

Расте интересот за едрење, но на Охрид му недостига наутичка инфраструктура

Расте интересот за едрење, но за развој на овој спорт потребна е соодветна инфраструктура. Потребни се везови, места за сидрење, реконструкција на доковите и пристаништата. Охридското Езеро има голем и неискористен потенцијал за развој на наутички туризам.
 |  инфодеск  | 

Голем е интересот за едрење и кај младите и кај возрасните, но услови за развој на едриличарството нема. На Охридското Езеро пловат околу 30 тина едрилици, а тоа се единствените зелени еколошки пловила кои не предизвикуваат загадување.

 Главен проблем е немањето на доволно сидришта и место за чување на едрилиците. Доколку Охрид има соодветно пристаниште за сидрење на еколошките пловила дополнително ќе се развиваат наутичките спортови. Охридското Езеро има голем и неискористен потенцијал за наутички туризам.

„Најголем проблем за развој на едрењето како спорт, како категорија за рекреација како и правец за развој на наутички туризам е недостатокот на инфраструктура. На ова пристаниште каде што сме врзани е старо, за десетина година ќе се слават 100 години од неговата изградба. И уште пристаништето кое е мало и несоодветно немаме апсолутно никаква инфраструктура која е потребна за развој на едрењето и зголемување на бројот на едрилици” вели сертифицираниот инструктор за едрење Будимир Соколовиќ.

Едриличарите велат не е потребна голема, скапа и луксузна марина, туку едноставна, изградена од еко материјали согласно препораките на УНЕСКО. Тие бараат реновирање на сите пристаништа и докови, особено во Радожда, Трпејца и Свети Наум за полесен пристап и пловидба на едрилиците.

„Потребна е желба, работа и многу малку пари да се направи инфратсруктурата. Како пример може да го земеме Балатон езерото во Унгарија каде што имаме неколку илјади везови за едрилици огромен број на едрилици манифестации. Ова наше езеро кога би имало инфраструктура приходите од туризам би биле над 100 милиони евра годишно”, додава Соколовиќ.

Странските туристи се воодушевуваат од прошетките со едрилици низ езерската шир. Едриличарите велат доколку има неопходна инфраструктура бројот на еколошки пловила десеткратно ќе се зголеми.

Првите импровизирани едрилици запловиле по Охридското Езеро во далечната 1937 година. Тоа биле кајчиња на кои било поставено платно. Во четириесеттите години од минатиот век Охрид бил град на едрилици.

Новинар Соња Рилковска