Организаторот на летото Здружението „За Трпејца со љубов“ ветува интересна програма во која до израз ќе дојде креативноста на младите но и промоција на Трпејца од историски, културен и спортски аспект.
Публиката на отворената сцена под ведро небо „Кај бунарот“ во наредниве девет дена ќе може да ја проследи проекцијата на документарниот филм: „Кино Охридско Езеро“ од Љупчо Паункоски. Ќе биде промовирана монографијата за селото „Трпејца – Трпеза со духовна благодат “ од авторот Игор Никовски, а младиот историчар Петар Симоноски ќе презентира факти за Трпејца во 16 век. Планирани се настапи на драмското студио „Цвет 75“ под раководство на Драгана Боцеска со претставата „Ќерките на Фроса“ , концерт на млади музички надежи. Во текот на организираното лето Креативни Боб техники со заинтересираните заедно ќе учат и ќе се забавуваат младите туристи со инструкторите Валентина и Ангела Кузманоски. Во Трпејца првпат настап ќе има и новиот женски хор при Црвен крст – Охрид „ACordis“ под раководство на диригент Биљана Николоска, информираат организаторите.
И годинава нема да изостане популарната Трка со куфери по скалилата во Трпејца, Фото конкурсот за најдобра фотографија од Трпејца направена со мобилен и денот посветен на Кајакарскиот клуб „Рибар“ и неговиот основач и тренер Номче Митрески.
Свеченото отворање на манифестацијата „На зајдисонце “ е вечерва од 20. 30 часот со мини изложба од ланската Меѓународна колонија одржана во Трпејца и со мини концертот на Влатко Броз и ДЏ Марама.
Во име на покровителот на летото Општина Охрид се очекува пред присутните туристи и мештани да се обрати Ана Крстеска, заменик градоначалник.