Заштитата на културното наследство во Охридскиот регион
Заштитата на културното наследство во Охридскиот регион треба да биде приоритет не само на институциите туку и на граѓаните. Потребна е и поголема комуникација помеѓу институциите. Ова се заклучоците на последниот работен состанок помеѓу претставници на Завод и музеј Охрид, Управата за заштита и секторот за урбанизам при општина Охрид.
Еден од клучните проблеми е непостапувањето на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридски регион, која подолг период не одговара на Барања за добивање Мислење за Заштитно конзерваторските услови доставени од страна на НУ Завод за заштита на спомениците културата и Музеј Охрид кои се потребни за изработка на соодветни конзерваторски проекти.
Токму тоа ги кочи проектите, а еден од нив е изградбата на катната гаража кај пазарот, еден од поважните проекти за туристички Охрид.
„Сите сме свесни за огромното богатство кое го поседува Охрид и Охридскиот регион од праисторијата па се до денес, за што сведочат и глемиот број артефакти кои го носат кодот на нашиот идентитет, историја и традиција за кои треба ние да се грижиме да ги зачуваме за идните генерации. Ние како НУ практично делуваме како регионален центар одговорни сме за четири општини, Охрид, Струга, Дебрца и Вевчани. Меѓутоа во склоп на нашата установа е и музејската дејност. По посетата на министерот за култура и туризам ја увидовме состојбата, добивме позитивни пораки дека сплотени во духот на интегрираната заштита од самите жители , институциите кои делуваат, општината до самото министерство да помогнат заеднички да се грижиме за тоа наследство”, вели Горан Патчев в.д директор на Завод и музеј Охрид.
Годинава министерството за култура поддржа мал број проекти на Завод и музеј, Патчев вели од идната година се очекува поддршката за заштитата во Охридкиот регион да биде поголема.
„Триесетти јуни беше крајниот рок за поднесување на програмите за следната година, во тек е реализација на одредени проекти кои за жал може да речам дека многу малку се финансирани. Се надевам дека од в година ќе има поголеми финансиски средства за нашите проекти. Тука би ги нагласил продолжување на проектот на Плаошник, возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет, за почеток би почнале скромно со партерно уредување, тука е Залив на коските каде се очекува негово санирање, а потребно е и подобро одржување”, вели Патчев.
На состанокот беше разгледана и идејата да се покрене иницијатива за измена на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, како и за усогласување на Законот за заштита на културното наследство и Законот за градење.
Новинар Соња Рилковска