ГРК Охрид денеска ги започна подготовките за новата ракометна сезона во која клубот влегува со големи амбиции.
На првата прозивка на шефот на стручниот штаб Стевче Алушовски во спортската сала Билјанини извори се одзваа сите сите играчи, вклучително и новите засилувања, освен Луцијан Бура. Тој на екипата ќе и се приклучи по завршување на обврските во Париз, каде како светски шампион во ракомет на плажа го промовира „beach handball“ кој претендира да стане олимписки спорт.
На првиот тим на стартот на подготовките му се приклучија и Петар Николоски и Матео Силјаноски од младинскиот погон на ГРК Охрид, со што клубот продолжува да им дава шанса на играчите од сопствената школа.
-Костурот е задржан а екипата се засили со петмина квалитетни играчи со цел да ги подобри резултатите остварени минатата сезона. Клубот во сезоната 2024/25 ќе настапи и во ракометна Европа што ќе биде мотив повеќе како за играчите, така и за целокупната организација, Охрид да се претстави во што подобро светло, велат од ГРК Охрид.
Екипата подготовките комплетно ќе ги реализира во Охрид каде од 20 до 24 август ќе биде домаќин на силниот меѓународен турнир „Крсте Андоновски“. Од 29 август до 1 септември „Гладијаторите“ ќе учествуваат на турнирот во Прилеп, а се прават напори да се обезбедат и дополнителни подготвителни средби во зависност од потребите.