„Јордан Хаџи Контантинов –Џинот“ со премиера на Рацин на Охридско лето
Народниот театар „Јордан Хаџи Контантинов –Џинот“ вечерва на сцената на „Охридско лето“ ја донесува премиерно претставата „Рацин“ според ликот и делото на македонскиот поет и револуционер Koста Апостолов Солев Рацин.
Со оваа претстава тргнавме како Диоген со фенер да ги бараме денес рефлексиите на Рацин во нас бидејќи тој е дел од нашата ДНК ,кажа на прес конференцијата по повод премиерата, режисерот Дејан Пројковски.
„Претставата не си дава за задача и одговорност да го раскажува живототниот пат на Рацин или да одговара на некои историски лавиринти и контекст. Всушност претставата е наша рефлексија за тоа што претставува денес Рацин. Имавме еден многу интересен и возбудлив процес и многу ми е драго што создавајќи го тој современ јазик во една театарска лабораторија успеавме да ја пронајдеме емоцијата на Рацин што е автентична и што сите некако длабоко во нас ја носиме , затоа што слободно можам да кажам дека Рацин е дел од нашата митологија.“ – кажа режисерот Пројковски.
Драматургот на поставката, директорот на Велешкиот театар Сашо Димоски, кажа дека претставата на публиката и нуди едно ново, свежо и несекојдневно доживување и третирање на Рацин како уметнички и човечки идентитет. Ќе бидат претставени и некои поинакви факти кои историјата можеби ги заобиколила, додаде Димоски.
„За мене беше најголем предизвик да се транспонира поезијата во драма бидејќи поетскиот дискурс кој сам по себе не е наменет за сценска изведба и да се претвори во жива реплика, во говорна реч на сцена, тоа беше и најголемиот предизвик. Во драматургијата се занимавав со работи за Рацин кои досега нам ни се непознати и во оваа смисла сметам дека претставата ќе понуди една нова вистина за сето она кое ние го знаеме за Рацин.“ – кажа Димоски.
Се обидовме да направиме своевидна демитологизација на ликот на Рацин бидејќи самиот лик на Рацин е обвиткан со многу мистерија и многу неразјаснети апекти од неговиот личен живот и неговото творештво. Се обидовме да го третираме Рацин како еден човек од крв и месо кој има своја сенка, кажа актерот и костимограф во претставата, Васил Зафирчев.
„ Претставата дава една многу јасна слика и за Рацин но и за времето во кое тој живее, особено во однос на тоа како луѓето лесно преминуваат од една на друга страна, како од негови сопартијци, симпатизери, поддржувачи стануваат негови главни непријатели, нешто што нам како тема ни се провлекува историски во повеќе наврати.“ – рече Зафирчев.
Актерот Јордан Витанов како персонификација на куршумот, на деструкцијата во претставата го носипрашањето за трагичната смрт на Рацин. Нашата нација секогаш ќе се соочува со тоа прашање, дали тоа беше верзијата која ја знаеме или има нешто скриено и што е уште поважно кои се мотивите, рече Витанов.
„Се надевам некои идни генерации ќе одговорат на тоа многу драматично за нас и болно прашање и во тој камен, можеби најголем во темелот на нашата државност ќе го воспееме Рацин уште посилно , а ако сакате и почесно. “ – рече Витанов.
Актерот Исидор Јованоски кажа дека аактерската екипа со нетрпение чека да го оствари контактот со публиката. Претставата којашто изобилува со неверојатни визуелни и музички сензации, ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.