Skip to main content

Ретроспективна изложба по повод 100 години од раѓањето на Вангел Наумовски

По повод 100 години од раѓањето на Вангел Наумовски и 70 години од неговата прва самостојна изложба во галеријата „Охридска порта-Љубица“, на големиот празник Илинден, ќе биде отворена ретроспективната изложба на слики од уметникот кој го воодушеви светот.
 |  инфодеск  | 

По повод 100 години од раѓањето на Вангел Наумовски и 70 години од неговата прва самостојна изложба во галеријата „Охридска порта-Љубица“, на големиот празник Илинден, ќе биде отворена ретроспективната изложба на слики од уметникот кој го воодушеви светот.

Семејството на уметникот, особено синот Рубенс, сеќавајќи се на одбележувањата од самите почетоците откога е отворена галеријата, вели дека годинава ќе се направи една ретроспектива во која посетителите ќе имаат една претстава како се движел Вангел во неговиот ликовен израз а со тоа и во неговата идеолошка поставеност.

„На овој ден, овде поминале плејада уметници, артисти, поети, академици кои ја збогатувале програмата. Со мојот татко ја нарековме уметност во уметност. 2 Август има симболика, нашиот голем празник Илинден и по тој повод била првата негова изложба. И оваа година започнуваме со камбаните илинденски, потоа Петар Темелкоски ќе има рецитал „Да се биде македонец“. Јордан Плевнеш напиша песна за која идејата тлеела во него долги години и ја нарече ‘Песна за бесмртниот Вангел’“, рече на денешната прес-конференција Рубенс.

На самата манифестација ќе бидат прикажани и архивски материјали, филмски приказ, за поезијата од Вангел која го открива охридскиот сликар и како создавач, како творец а ќе има и презентација на „Универзумот на Вангел Наумовски“ од Трајко Митрески која преставува „инспирација од уметник за уметник“.

„Во програмата се вклучени млади луѓе на кои Вангел оставил впечаток не само со неговото творештво туку и со неговата филозофија. Тие млади контактирале со него или контактирале преку неговата уметност или преку неговите изјави. На некој начин бил и инспирација и мотивација за нивните дела и како еден добар пример дека и од Охрид може да се создава и да се излезе во светот. Вангел имаше изрека, „Не Париз да го донесиме во Охрид, туку Охрид и Македонија да ги однесиме во Париз“. Еден од тие е Владимир Четкар кој ја сватил неговата смисла и успеал во тоа“, раскажа синот на Вангел.

Ликовните критичари за Вангел рекле дека тој е сликар од бајките, префинет, суптилен. Жан Мари Дрот уште во 1969 година изјавил ‘Мислам дека уште покрај двајца други, тој отишол најдалеку во уметноста. Него не би можеле да го вклучиме во наивната уметност, туку пред се во уметноста со почетна голема буква. Наумовски се раѓа со еден гение, без да биде предвиден во оваа организација на светот. По пет, шест или повеќе години, организаторите на општеството пак ќе се потрудат се да предвидат, но и тогаш ќе се роди Наумовски кој ќе им се смее на сите предвидувања’.

„Не само што вели дека е еден од за него тројцата најголеми уметници кои влегле најдалеку, најдлабоко во уметноста, туку посочува дека Вангел бил толку визионер, толку напред, што ги изненадил сите големи предвидувачи, креатори на денешницата во сите сфери, дури и во ликовната критика и до ден денес е загатка“, кажува Рубенс.

Манифестацијата за првпат е поддржана од Општина Охрид.