Skip to main content

„Зготви и подари“ – благородна иницијатива на охриѓанката Весна Миленкоска

Зготви и подари благородна иницијатива на охриѓанката Весна Миленкоска. Покрај домашниот леб од кисело тесто по која таа е позната, охридската хероина носи радост во социјално загрозените семејства. Секој последен четврток од месецот, Весна донира оброк, а со помош на заедницата ги помага социјално загрозените семејства.
 |  инфодеск  | 

Охриѓанката Весна Миленкоска готви и подарува – топол оброк. Нејзината благородна мисија од неформалната Зготви и подари,  овој месец по 45 пат ќе однесе радост во некое семејство на кое му е потребна помош. Започна во време на пандемијата со зготвен топол оброк, а денес прерасна во препознатлива  хуманос. Со поддршка од бизнис секторот и заедницата, кои самоиницијативно се вклучуваат, заеднички на социјално загрозените семејства им помагаат и со облека, покуќнина, огревни дрва и слично.

Вели готви со љубов, а среќата се множи кога се дели.

„Оваа идеја започна во короната кога беспомошно гледав како на некои луѓе нема никој да им помогне, така ми се роди идеја да помагам, тогаш дојде идејата за Зготви и подари да направам нов профил на Инстаграм да биде препознатлив по тоа и со идеја секој последен четврток да готвам и да подарувам храна, оброк на семејство. Значи започнав со спремање на еден оброк. Како објавував на социјалните мрежи се вклучуваа граѓани и се уште се вклучуваат и веќе Зготви и подари не е само оброк. Семејствата, веќе самите граѓани ми укажуваат каде има семејство на кое му треба помош“, вели Весна Миленкоска од Зготви и подари.

Весна е дел и од Слоу фуд Охрид, таа е позната по вкусниот домашен леб од кисело тесто, без адитиви и квасец. Вели, нема никакви тајни, единствено што бара е посветеност и време. Денес лебот го прави по нарачка, но и соработува со неколку угостителски објекти.

„Ова е леб од кисело тесто, се работи без квасец, без адитиви, природна ферментација, значи освен брашно, вода и сол нема никакви други додатоци. Ова лето почнав да работам со неколку објекти, а досега беше се индивидуално. Годинава испеков многу лепчиња и однесов ама пак не беше доволно. Слоу фуд е една сериозна организација сериозен настан имаше голема посетеност поминавме одлично”, вели Миленкоска.

Женскиот магазин „Убавина и Здравје” на Весна Миленкоска годинава и ја додели наградата за хуманост, а во нејзината благородна мисија може да се вклучи секој граѓанин.

Новинар Соња Рилковска