Skip to main content

ТУРИЗАМ

Охрид го живее шпицот на туристичката сезона

Традиционално огромен наплив на гости за време на Илинденскиот празник. Овој период најбројна е младата популација од земјава, кои доаѓат за големиот број забави, концерти и фестивали. Туристичките работници генерално задоволни од сезоната, велат во Охрид нема слободни соби, апартмани, а целосна исполнетост ќе има до средината на август.
 |  инфодеск  | 

Традиционално околу Илинден Охрид го живее шпицот на сезоната, градот е преполн со туристи. Раздвижено насекаде, во вечерните часови, посетителите едвај се разминуваат на охридското шеталиште.

Туристичките работници генерално се задоволни од сезоната, велат во Охрид нема слободни соби, апартмани, а целосна исполнетост ќе има до средината на август.

„Хотелските капацитети се 100% исполнети, во текот на оваа недела мислам дека и нема слободна соба, ниту во приватните сместувачки капацитети. Домашната публика тука е секако застапена, имаме гости од нашата држава, но сведоци сме дека имаме многу помлада публика“, вели Челик Асим туристички работник од Охрид.

Овој период најбројна е младата популација од земјава, кои доаѓат за големиот број концерти и фестивали. Но, има туристи и од европските земји  Холандија, Англија, Полска, Турција, Чешка,…

-Од Холандија. Остануваме овде 15 дена. Голем одмор прв пат сме овде. Ми се допаѓа земјата ми се допаѓаат луѓето, храната е убава, велат гости од Холандија.

-Сум била овде пред 5 години, и еве сега повторно навистина е многу убаво. Ми се допаѓа, вели гостинка од Косово.

-Убаво е . Втор ден сум овде, сместени сме во хотел. Ни се допаѓа езерото убава е водата, вели гостин од Англија.

-Јас сум од Турција, три дена сме овде убаво е многу, вели гостинка од Турција.

-Многу е убаво не сакаме да си одиме дома. Свети Наум и луѓето се многу љубезни, велат гости иселеници во Австралија.

Редици народ пред маркетите и  пекарите, метеж во сообраќајот, гласна музика насекаде, насобрани друштва во парковите до раните утрински часови. Ваквата е сликата деновиве во  Охрид, градот со капацитет од  околу  40 000 легла за туристи.

Голем број полициски службеници и медицински тимови на Црвениот крст деновиве ќе се грижат за безбедноста на посетителите.

Новинар Соња Рилковска