Skip to main content

Пожарот кај Косел и Опеница под контрола, кај Расино гори на непристапен терен, Пецаков бара интервенција од хеликоптер

ТППЕ Охрид е на терен со 20 пожарникари, ЈП Национални шуми со 15 луѓе, има вработени од Нискоградба, Водовод и др ЈП од Охрид  како и доброволци од месното население.
 |  Маја Савиќ  | 

Пожарот над селата Косел и Опеница предпладнево ставен под контролa. Рано утрово повеќе тимови составени од волонтери и вработени во охридските јавни претпријатија  заминаа кон потегот Косел – Опеница каде биле поставени појаси за да се спречи ширењето на огнот кон Вапила. Посериозен проблем има кај селото Расино, информира градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Утрово во комуникација со ЦУК побаравме интервенција со хеликоптер бидејќи со авиони не може да се гасне на тој дел. Но не добивме позитивен одговор бидејќи хеликоптерот бил попотребен за гаснење на друга локација. Нашата ТППЕ заедно со ЈП Национални шуми, кризниот штаб и сите останати вклучени во гаснење на пожарот се организираат по завршување на појасот кон село Косел да завршат и со појасот кон село Расино каде пожарот е на непристапен терен. Но генерално состојбата се подобрува на веќе поставени појаси и пaрaметри.  Се надеваме дека во текот на денот ќе пристигне на помош и хеликоптер, вели Пецаков.

ТППЕ Охрид е на терен со 20 пожарникари, ЈП Национални шуми со 15 луѓе, има вработени од Нискоградба, Водовод и др ЈП од Охрид  како и доброволци од месното население.

 -Состојбата до синоќа беше многу критична, сабајлево реагиравме од раните утрински часови, екипите во 5 часот беа на терен. Моментално пожарот е под контрола, екипите го контролираат и ќе останат таму додека целосно не се ликвидира, вели Славчо Голабоски, шумарски инжинер во ЈП Национални шуми.

– Добивме информација за пожар во ловиште Косел, за опожарени доста хектари високостеблеста дабова и борова шума и веднаш излеговме на терен во координација со шумското претпријатие, пожарникарите и нашите ловџии стигнаа да помагаат во гаснење пожарот. Сега кај селото Опеница е под контрола, вели  Целаксоки Зоран од Здружение на ловци.

Месното население од Косел е вознемирено, стравува за своите имоти во околните села кон кои постои опасност да се шири огнената стихија.

-Посматрам од синоќа. Пожарот се движит кон Расино и Вапила. Имам лозје сакам да одам да видам како е таму. Ветрот како што дуват така се менуваи правецот на пожарот. Имам имот и ниви. Ако слезит огнот в поле голема штета ќе имаме.

– 80 години имам ова не сум го видела. Кој ги палит планиниве? Сите сме уплашени, и стари и млади.

Во поширокиот регион на Охрид, активен се уште е и  пожарот на Плакенска Планина.