Изложба „Ех, моја Македонија” во сеќавање на Драган Спасески Охридски, утревечер во Лапидариум
Изложба „Ех, моја Македонија” во сеќавање на Драган Спасески Охридски ќе биде отворена утревечер во музејскиот културен центар „Лапидариум“ .
На изложбата со свои дела ќе се претстават Мајкл Клос од Канада, Демир Демироски Македонец од Германија, Наташа Попоска Карче и Ѓоко Симјаноски од Македонија.
Четворицата уметници изложбата ја организираат во сеќавање на познатиот доктор и уметник Спасески Охридски со кого ги поврзува почетокот на уметничките кариери од 1985-тата година. Тогаш сопругата на уметникот Мајкл Клос, Менка, во Домот на култура во Охрид организирала изложба за аматери сликари. На таа изложба Спасески Охридски, Демироски и Симјаноски за прв пат се претставиле пред охридската јавност со свои дела.
„ Таа е врската меѓу Драган Спасески Охридски со Менка која беше пренесена и на нејзиниот сопруг подоцна Мајкл Клос. Демир Демироски другаруваше на големо со покојниот Спасески, а Наташа Карче својата ликовна кариера ја започна во 2013 година и тоа под менторство, ако може така да се рече, на Драган Спасески Охридски. Тој ги отвори сите нејзини три изложби кои следуваа. И конечно јас и Драган Спасески навистина многу другарувавме во период од 30-тина и повеќе години.“ – вели Ѓоко Симјаноски – сликар.
На изложбата со носталгичен наслов „Ех, моја Македонија” ќе бидат изложени 40-тина дела во различна техника, масло на платно, акрил, сув пастел, како и скулптури во прекрасниот простор на Лапидариумот кој има голем потенцијал за вакви настани, вели Симјаноски.
„Лапидариумот е простор кој нуди прекрасни можности, на отворено , на неколку нивоа, на кои можат да се постават уметнички дела и ретко е користен за изложби. Оваа изложба е прилика уште еднаш да го промовираме овој прекрасен простор до Куќата на Робевци. “ – вели Симјаноски.
Охриѓани и гостите ќе можат да уживаат во изложбата пропратена со музика во изведба на виолинистот, Маестро Џевад Рамаданоски.