Аерозагадување од пожарите во Охридскиот регион
Чадот од пожарите во Охридскиот регион се чувствува и во градот, предизвикано е големо аерозагадување. Деновиве мерните станици покажуваат забалежително зголемено ниво на штетните ПМ 10 честички во воздухот. Чадот кој се гледа и чувствува на километри далечина е исклучително штетен за белите дробови, особено за децата, повозрасните и оние со астма, бронхитис и хронични срцеви заболувања.
Шумските пожари шират многу штетни емисии, јаглерод моноксид азотни оксиди и многу опасни материи штетни по здравјето на луѓето.
-„Тие пожари предизвикаа енормно загадување на воздухот како локално така и во поширокиот регион на Охрид. Чадот од пожарите се поврзува со емисија на ПМ 10, но и ПМ 2,5 честици. Тие се најситните честички кои брзо навлегуваат во човечкиот организам и имаат големи здравствени псоледици”, изјави Зороски еколог.
Изгоре огромна маса на дабова и борова шума. Шумските пожари во Охридскиот регион според еколозите се голема природна катастрофа кои ќе имаат далекусежни штетни последици врз животната средина.
„ Индирекните штети се во смисла на нарушување на еколошките услови, доведуваат до појава на водена и ветрова ерозија на шумското тло. А недостатокот на покривната функција може да доведе до зголемен интензитет на појави на ерозија и создавање на поројни водотеци. Штетата материјална е огромна, вели Зороски.
Состојбата со пожарите денес во охридскиот регион е стабилна. Кај селата Вапила и Расино состојбата е ставена под контрола, над Брежани се уште делуваат екипите од копно,а од воздух и денес се гаси и пожарот на Илинска планина.
Утрово е активен и пожарот на Галичица,од албанска страна на самата граница со земјава, таму се делува и од копно и од воздух.
Новинар Соња Рилковска