Цените на мало на годишно ниво пораснале за 3.9 %
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јули 2024 година, во однос на јуни 2024 година, порасна за 0,7 %. Цените на мало во јули 2024 година во однос на јуни 2024 година пораснаа за 1,5%, објави Државниот завод за статистика.
На годишно ниво ( јули 2024- јули 2023.) инфлацијата мерена преку трошоците на животот изнесува 3%, додека цените на мало на годишно ниво пораснаа за 3,9 %.
Зголемувањето на инфлацијата во јули 2024 година, во однос на јуни 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: ресторани и хотели за 5,8 %, транспорт за 4,9 %, рекреација и култура за 1,2 %, здравје, разновидни стоки и услуги за 0,6 %, домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,3 %, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0.1 %.
Во јули 2024 година, во однос на јуни 2024 година, намалување на трошоците на животот е забележано во следните групи: облека и обувки за 0,5 %, храна и безалкохолни пијалаци за 0,2 %, комуникации за 0,1 %.
Трошоците на животот во групите: мебел, поќукнина и одржување на домаќинствата и образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Вредноста на синдикалната минимална кошница, која ја пресметува ССМ, за месец јули 2024 година изнесува 60.570 денари.