Пожарот на Галичица локализиран, на Илинска планина и понатаму гори
Пожарот на Илинска Планина што зафаќаше делови од општините Охрид и Демир Хисар е проширен на територијата на Опшина Дебрца.
-Пожарот е активен и е навлезен во шума во атарот на с.Брежани на непристапен терен каде што тешко може де се гаси, информира Регионалниот ЦУК Охрид.
Вчера на терен имаше 5 пожарникари со 1 моторно возило и околу 10 лица од Општина Дебрца и Шумско стопанство Галичица коишто се активни во гасење на пожарот. Во текот на денот во негово гаснење интервенирале и 2 хеликоптера – еден српски и еден од МВР. На терен е ангажирана и тешка механизација што прави засеци односно земјени појаси на теренот со цел спречување на понатамошно ширење на огнот.
Пожарот на Галичица кој избувна во понеделникот на албанска страна од планината и брзо се прошири и на наша територија денеска е локализиран. Во текот на вчерашниот ден на пожарот се дејствуваше на земја и од воздух. На тешко пристапен терен на над 2000 метри надморска височина огност го гаснеа екипи од 10 лица од НП Галичица и од Планинската спасителна служба од Црвен Крст – Охрид и 5 пожарникари од ТППЕ-Охрид.
Пожарникарите, Ренџерите од НП Галичица , и планинските спасители со хеликоптер беа пренесени на тешко пристапниот терен на Галичица, каде и покрај силниот ветер успеаја пожарот да го стават под контрола. Исто така дејствуваа и 2 авиона „ер трактор“. Денеска местото на пожарот се контролира од Екипа од НП „Галичица“.
Пожарот во околината, на потегот на селата Косел – Вапила – Опеница – Расино, Општина Охрид што се појави на 4 различни точки е целосно изгаснет. Од Цук информираат дека се забележува чад во внатрешноста, но додаваат дека нема никаква опасност од негово избувнување и проширување. На терен ќе има 10 лица од Јавното Претпријатие „Национални шуми“ – подружница „Галичица“ да го контролира теренот.
Центарот за управување со кризи инфомира дека на територија на државата имаше вкупно 41 пожари на отворен простор, од кои во моментов 6 се активни, 9 се под контрола и 26 се изгаснати.