Почина бебе од струшко Мороишта
Почина четиримесечно бебе од струшкото село Мороишта. Синоќа, по неуспешната реанимација во семејниот дом, екипите на Брзата помош, бебето без знаци на живот, го пренеле на Детското одделение во Општата болница во Струга, каде била констатирана смрт.
-На 06.08.2024 во 22.43 часот во ОВР Струга е пријавено дека на Детското одделение во Општата болница во Струга од родителите било донесено четиримесечно машко бебе од струшко село без знаци на живот. Според пријавеното, тие претходно повикале екипа од Итната медицинска помош – Струга, кои во семејниот дом извршиле реанимација, по што бебето го пренеле во болницата, каде била констатирана смрт, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Според медицинската историја, детето било сосема здраво, родителите го нашле на стомак без знаци на живот и веднаш повикале Итна медицинска помош.
-Се работи за бебе од околу 3,5 месеци донесено во егзитирана состојба без знаци на живот, без дишење, без срцева реакција. Уште кога брзата помош стигнала кај нив детето било без знаци на живот се обиделе да го реанимираат го донесоа на одделение. На одделение каде се обидоа да го реанимираат повикан е и анестезиолог меѓутоа безуспешно детето било без знаци на живот”, вели д-р Влатко Мицкоски
По наредба на јавен обвинител, врз телото на бебето ќе биде извршена обдукција, која треба да покаже како настанала смртта. Во овие четири месеци ова е трет смртен случај на бебе во охридско струшкиот регион.
Новинар Соња Рилковска