Skip to main content

Изложбата „Ех, моја Македонија“ предизвика голем интерес кај охридската јавност

Охриѓани и гостите во голем број ја посетија изложбата „Ех, моја Македонија” која беше отворена синоќа во музејскиот културен центар „Лапидариум“. Четворицата уметници Мајкл Клос, Демир Демироски, Наташа Попоска Карче и Ѓоко Симјаноски се претставија со 40 дела во различна сликарска техника, а изложбата ја посветија во сеќавање на својот пријател, познатиот доктор и уметник Драган Спасески Охридски.
 |  Маја Савиќ  | 

Претесен беше просторот во Лапидариумот за сите вљубеници во уметноста кои синоќа дојдоа да ја погледнат изложбата „Ех, моја Македонија“ на дела од четворица уметници Мајкл Клос, Демир Демироски, Наташа Попоска Карче и Ѓоко Симјаноски.

Охрид бил, е и ќе биде вечна инспирација на безброј уметници, посебно за сликарите кои на своите платна во разни техники го заробиле мигот и го претвориле во вечност создавајќи ја колективната меморија на овој град, кажа во своето обраќање на отворањето на изложбата, новинарот и публицист, Милчо Јованоски.

„Оваа вечерашна симбиоза од бои слики, мотиви, носталгија и пориви на купче ги собра естетските и уметничките вредности на четворицата уметници кои решија под ѕвезденото небо да изложат дел од своето творештво. Синтагмата „Ех, моја Македонија“ секој може да ја доживее различно , како болка, очај, радост, љубов и надеж.“ – рече Јованоски.

Четворица исклучителни талентирани сликари изложбата ја посветија во сеќавање на нивниот заеднички пријател, д-р Драган Спасески Охридски.

„Ние охриѓани го паметиме како исклучително вреден, коректен и уметнички надарен со безброј таленти. Галеријата Резонанса беше дел од неговиот семмен дом каде најчето ги изложуваше своите дела, а со поезија и сликарство освен во Охрид и Македонија тој се претставуваше и во САД, Германија, Србија, Црна Гора. Паралелно со книгите и сликарството создаваше мултимедијални проекти, а работеше и дизајн.„ – кажа Јованоски.

На изложбата беа изложени 40 уметнички слики и скулптури. Ѓоко Симјаноски пред охридската јавност претстави дела со охридски мотиви во техника сув пастел на хартија.

„Ми претставува особена чест и задоволство што во толкав голем број дојде народов охридски и гости овде што престојуваат и навистина сум пресреќен за самата атмосфера. Мислевме дека ќе направиме нешто меѓутоа ова е повеќе од очекувањата. Навистина нешто прекрасно. Јас досега сум имал неколку изложби, но оваа е врв барем за мене, во она досега што сум го направил.“ – изјави Симјаноски.

Наташа Попоска Карче на изложбата пред јавноста откри свои дела во кои заробува ретки мигови од пејсажите во техника масло на платно.

„ Секогаш кога правим изложба јас се чувствувам прекрасно. Ова е збир на емоции на луѓе почитувачи на уметноста, луѓе кои го сакаат градот , кои го сакаат и ценат Драган Спасески Охридски и мислам дека вечерва направивме многу добра работа.“ -изјави Попоска Карче.

Мајкл Клос од Торонто, Канада, се претстави со дела во техника акрил на платно во кои се провлекува главната нишка во неговото творење, тоа се ликови од геометриски форми кои во себе имаат скриени мотиви од фолклорот.

„Охрид отсекогаш бил посебно место за мене затоа што мојата сопруга е од тука, имам семејство тука. Јас прв пат имав изложба во овој музејски простор каде што сме вечерва во 1994 година, пред 30 години, токму во Лапидариумот, првиот уметник што поставил изложба тука. Почестен сум што по 30 години повторно изложувам тука. Посебно е, неверојатно убаво. “ – изјави Клос.

Демир Демироски роден во Охрид, а живее во Германија се претстави со уметнички вариации изработени во техниката акрил на платно инспирирани од подводниот свет на Охридското езеро на кои илјадници мали кругови боја создаваат форми и длабочина.

„Не можам да ви опишам. Јас живеам во Германија веќе 33 години и целта ми беше една од последните изложби во родниов крај да си ја направам. И успеавво тоа со пријателиве. Најголема чест ми е што сум овде со моите охриѓани овој ден да го поминам.“ – изјави Демироски.

Охриѓани и гостите уживаа во изложбата пропратена со музика во изведба на виолинистот, Маестро Џевад Рамаданоски. Изложбата беше помогната од НУ Завод и Музеј – Охрид, Културолошка иницијатива 5 до 12, а медиумски помагатели беа Охридњуз и Регионална телевизија ТВМ.