Skip to main content

општина охрид

Охрид го чествува ликот и делото на големиот писател Живко Чинго

Во рамки на свечената програма беше доделена наградата за најдобар расказ на авторката за Дијана Петрова за расказот „Јоанес Даубманус“.
 |  инфодеск  | 

Во атарот на манастирот Света Петка во Велгошти, вчеравечер се одржа традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“, посветена на овој значаен литературен деец.

Во рамки на свечената програма беше доделена наградата за најдобар расказ на авторката за Дијана Петрова за расказот „Јоанес Даубманус“.

Во името на Општина Охрид свoј говор пред присутните имаше Ана Крстеска, заменик градоначалник.

– Вечерва сме повторно тука, во светилиштето на манастирот Света Петка, во родното место на еден од највеличествените македонски творци, чие перо, со најдлабоки емоции го овековечи духот на македонскиот народ, во неповторливи ремек-дела. Со најдлабока почит ја вреднуваме оваа наша привилегија да го славиме ликот и делото на нашиот великан, нашиот Живко Чинго. Тој, со својот животен пат и работа е симбол на македонските корени и стремежи. Неговите зборови го носат печатот на исконското, на она што е длабоко врежано во нашето битие. Преку неговото препознатливо творештво, тој стана гласот на сите оние кои зборуваат преку своето срце, без компромис и без страв. Живко Чинго беше мајстор на зборот, уметник кој успеа да ја прикаже душата на Македонија низ своите раскази и романи. Неговите дела се споменик на нашата книжевност, вечни сведоци на времето и животот. Преку неговата неповторлива проза, Чинго создаде светови кои дишат и кои треперат. Неговата проза е толку длабока и значајна, што и денес продолжува да ги инспирираа читателите и писателите. Како што самиот Живко Чинго ќе каже: „…тоа што си им го дал на другите-само тоа е твое, во тоа е смислата“. Оваа мудрост нѐ потсетува дека најголемата сила лежи во заедништвото и во споделувањето, тоа е најголемата сила на човекот. Почитувани, Општина Охрид, како чувар на културното и историското наследство, со гордост го вреднува и чува делото на Чинго. Остануваме доследни на оваа света должност и ќе продолжиме достоинствено да го негуваме неговото наследство и во иднина, за да можат новите генерации да ги спознаат и почувствуваат големите вредности, кои тој ги остави зад себе. На овој свечен ден, во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков упатувам искрени честитки до годинешниот добитник на наградата за најдобар расказ Дијана Петрова. Нејзиното дело претставува продолжение на богатата македонска книжевна традиција и потврда дека зборот има моќ да создаде светови и да допре до срцата на луѓето. Верувам дека оваа манифестација ќе продолжи да расте и да се развива и дека ќе продолжи да биде препознатлив културен белег на Велгошти и на Охрид, истакна Крстеска.

Годинешен беседник за ликот, делото и живото на Живко Чинго беше еминентниот  македонски поет, литературен критичар, преведувач и новинар,  Бранко Цветкоски.

Манифестацијата беше збогатена со културно уметничката програма, а публиката имаше можност да го проследи настапот на квартетот „Струни“  во кој членуваат талентираните музучари Олгица Шундиќ,  Сандра Крстевска, Иван Петровски и Љупка Каевиќ. Свој настап во рамки на свеченоста имаа и членовите на КУД „Филиграни“ од Велгошти.