Градоначалникот Кирил Пецаков информира дека пожарот на планината Галичица од македонска страна е под контрола и нема опасност по населените места и населението кое гравитира на овој потег.
„Во моментот во гаснењето на пожарот од земја се вклучени околу 120 лица, а се дејствува со два хелихоптери од страната на Охрид и од страната на Преспа. Очекувано е во текот на денот да се вклучат и уште три авиони за гаснење од воздух. Поспецифична е состојбата со пожарот од преспанска страна, каде што истиот има зафатено погуста и високостеблеста вегетација и гаснењето се одвива отежнато. Гаснењето од земја е отежнато и поради тоа што на овој терен постои неотстрането старо оружје и експлозивни направи, кои по налет на огнот експлодираат. Само во текот на вчерашниот ден се слушнале повеќе од 40 експлозии“, стои во неговото соопштение.
Тој се заблагодарува на сите вклучени на терен, кои со несебичен напор, ден и ноќ се борат со огнената стихија и упатува апел да не се шири непотребна паника, да се споделуваат проверени информации и населението да се информира само од релевантни извори.