Вечер што долго ќе се памети со пијанистките Ана Миерник и Јоана Сохачка
Традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“вчеравечер под сводовите на црквата „Света Софија“ донесе концерт за четирирачно пијано со уметниците Ана Миерник и Јоана Сохачка.
На репертоарот беа внимателно одбрани композиции од Роберт Шуман, Петар Илич Чајковски, Игор Стравински, Сергеј Рахмањинов и од полскиот композитор Јан Падеревски, а прекрасната вечер беше заокружена со познатата композиција „Либертанго“ од Астор Пјацола.
Пијанистката Јоана Сохачка, стручната критика ја опишува како уметник кој „Не само што свири, туку и живее во музиката“. Таа е пијанистка која ги истражува звучните светови со интелигенција и пијанистичка култура.
-За репертоарот се потрудивме да одбереме дела кои ги сакаме, но и дела кои се интересни за публиката. Бидејќи настапуваме на Полската вечер на фестивалот, сакавме да вметнеме и полски композитор и затоа го ставивме и Падеревски, вели пијанистката Сохачка која првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“.
Пијанистката Ана Миерник вторпат се претставува пред фестивалската публика и вели дека секое доаѓање за неа претставува огромно задоволство.
-Како што паметам од минатиот пат, црквата има неверојатна акустика, особено за пијано. Додека ги одржувавме пробите во црквата влегуваа и туристички групи преку чии водичи имав можност да научам повеќе за овдешната историја. Ваквите места како што е црквата „Света Софија“, комбинирани со видот на делото можат да бидат многу инспирирачки за еден уметник.
Години наназад, „Охридско лето“ заедно со Амбасадата на Република Полска и Почесниот конзулат на Република Полска во Охрид организираат Полска вечер во рамки на фестивалската програма, со настапи и концерти на реномирани уметници и музичари од Полска.