Мицкоски со апел до граѓаните да не се вклучуваат доброволно во гаснењето на пожарот на Галичица бидејќи станува збор за опасен терен со многу експлозивни средства од минатите војни
Граѓаните кои сакаат како доброволци да се вклучат во гаснење на пожарот на Галичица, да не го прават тоа, апелираше денеска премиерот Мицкоски. Граѓаните да не влегуваат во процес во кој некој може да настрада бидејќи, како што рече, тоа е неповратен процес во кој нема цена што може да го врати изгубениот човечки живот.
„Таму има оставено многу воена опрема, но и експлозивен материјал кој датира дури од времето на Првата светска војна. Може да се случи да бидат детонирани и некој човек да го изгуби својот живот и тоа е неповратен процес. Нискостеблестата шума, грмушките и тревата ќе пораснат но човекот нема да го вратиме. Затоа ги молам да ги оставиме луѓето коишто се вешти, обучени за оваа работа да се справат. Знам дека изгледа стравотно, знам, секоја вечер до наутро сме во координација со луѓето и не само таму, туку и насекаде и благодарност за сето тоа што го прават, но ве молам нема цена со која загубениот човечки живот ќе можеме да го вратиме“,изјави Мицкоски.
Премиерот изрази сомнеж дека ситуацијата со пожарите кои беснеат во земјава е случајна, додавајќи дека како Влада прават сè за да се справат со состојбата.
„Морам да кажам се сомневам дека е случајна, да имаме по 40 пожари секој ден коишто ни се случуваат не може никој да ме убеди дека се случајни. Рекордни 651 во јули за 21 ден или рекордни 66 на 29 јули. Не може никој да ме убеди дека сето ова е случајно. Но, тоа е што е, и ние мораме да се занимаваме со потребата да го решаваме ова, не можеме да очајуваме и да кукаме сега и да велиме тешка е работата. Правиме сè што можеме и како влада и благодарност до сите оние луѓе на терен што прават сè што можат да се справат со огнената стихија“изјави Мицкоски.
Одговарајќи на новинарските прашања за пожарите за време на денешната посета на Царинската управа Премиерот кажа дека се очекува состојбата со пожарите да потрае можеби и до крајот на септември. Откако ќе се справиме со огнената стихија Владата ќе направи се што треба во поглед на забрана на сечата на уништените дрва во пожарите оваа година.