Skip to main content

Со сива економија нема розева иднина

Сивата екомонија е присутна во сите земји, па така и во Македонија. Таа не може да исчезне, но може да се намали. Во нашата земја, една од областите во кои има најголем процент на сива економија е туристичко угостителската индустрија.
 |  инфодеск  | 

Сивата екомонија е присутна во сите земји, па така и во Македонија. Таа не може да исчезне, но може да се намали. Во нашата земја, една од областите во кои има најголем процент на сива економија е туристичко угостителската индустрија.

Сивата економија во туризмот создава бројни проблеми, вклучувајќи непријавена работа, избегнување на даноци, нефер конкурентски услови и проблеми со квалитетот на услугите. Овие проблеми имаат широки економски, социјални и регулаторни последици кои ја нарушуваат стабилноста и квалитетот на туристичкиот сектор. За да се решат овие проблеми, потребно е интегрирано пристапување и зголемено внимание од страна на сите засегнати страни, вклучувајќи ги и јавните институции и приватниот сектор.

Една од најмеродавните институции по однос на ова прашање е Управата за јавни приходи.

Мисијата на УЈП е преку едноставни постапки и начини за пријавување и плаќање данок и еднаков третман на сите да се овозможи да се намали сивата економија. УЈП е само една од институциите која може да придонесе на тој план, затоашто согласно Акциониот план тука се и другите институции и Пазарен инспекторат, Трудов инспекторат и впрочем кога имаме работа на црно, не е аспектот само во плаќање даноци, туку имаме непријавени вработени, нерегистрирано вршење дејност, незапазени пазарни услови, санитарни и тн., вели М-р Злате Муневски, даночен советник УЈП

Во туристичкиот сектор, потребно е да се направат дополнителни напори за потиснување на сивата економија и запирање на нелегалниот бизнис, што доведува до одлив на пари од државата и девалвирање на туристичката понуда. Неплаќањето на даноци како последица на сивата економија ја намалува јавната каса, што може да доведе до помалку средства за инфраструктурни проекти и јавни услуги.

Свеста и даночната дисциплина кај даночните обврзници е пред се. Треба да сфатиме дека сите имаме бенефит од плаќањето на даноци. За да има Охрид добра инфраструктура и да биде уреден добро градот, за тоа се потребни пари, а државата пари обезбедува од даноците, посочи М-р Злате Муневски, даночен советник УЈП

Во првите 6 месеци од годинава, по основ на наплата на туристичка такса, општина Охрид има приход од 5.687.207 денари и од правни и од физички лица. Споредено со лани има зголемување на околу 1 милион денари. Општината прави проценка при конципирање на буџетот и предвидувањата за приходи од туристичка такса за годинава се движат околу 25 – 26 мил денари, вели Гоце Стојкоски, овластен инспектор за туристичка и угостителска дејност.

Од приватното сместување во Секторот за ТЛЕР има околу 3000 категоризирани физички лица, од нив 1000 да работат, затоа што некој е категоризиран но не работи. Што се однесува до таа сива економија, доколку ние добиеме пријава излегуваме на терен и постапуваме согласно Закон за угостителска дејност (член 67 кој вели дека секое физичко лице кое не постапува согласно законот се казнува со глоба од 100 до 250 евра ). Доколку ние затекнеме такво лице , нерегистрирано , издаваме прекршочен платен налог на лице место и тоа лице се санкционира. Пријави најмногу добиваме во шпицот на сезоната, односно сега овој период. Согласно закон, затоа што ние работиме покрај по закон за туристичка дејност, Закон за угостителска дејност, Закон за такса за привремен престој , работиме и според Закон за инспекциски надзор и сме должни на секоја пријава да излеземе и да одговориме што го правиме во рекорден рок. Најчесто пријави добиваме од типот „комшијата издават соби, имат гости, а не е регистриран“, вели Стојкоски.

Легалните туристички оператори и угостители кои ги следат законските регулативи и плаќаат даноци се во неповолна позиција во однос на тие кои работат во сивата економија. Ова создава нефер конкурентски услови и може да доведе до затворање на бизниси кои не можат да се натпреваруваат со нерегистрираните.

Ние гледаме многу повеќе народ отколку што имаме капацитети. Од тој аспект ние имаме проблем со нелојална конкуренција, бидејќи ние плаќаме се и сешто, сите можни давачки кон државата додека некој друг го користи тоа и го собира само медот. Се издаваат станови, да не бидам сфатен погрешно, има луѓе коишто си издаваат станови и си ги плаќаат давачките, туристичка такса, додека има и голем број коишто не се пријавени никаде и луѓето едноставно имаат само чиста заработка, не подлежат на никаква инспекција. Треба да имаме евиденција некаква, бидејќи разговараме каква е сезоната, колку е исполнето, но ние немаме никаква евиденција за тоа, бидејќи има многу од луѓето кои живеат во Охрид и надвор од Охрид, кои си издаваат на своја рака, без пријавување на гости и едноставно тие се нелојална конкуренција, а цените се приближни со нашите цени, потенцира Марјан Трпески – менаџер на хотел.

Во Охрид, тројца општински инспектори вршат надзор во поглед на туристички водичи и сместувачките објекти на физички лица и правни лица ( хотели, мотели, кампови, одморалишта).

Треба да е засилена инспекцијата не само на хотелските капацитети, туку и на приватните, бидејќи нив ги има многу повеќе отколку хотелски капацитети. Се издаваат станови, соби, прилагодени простории за извесен период, за кои никој нема никаква евиденција. Треба да се изнајде некаков начин на којшто ќе можат сите тие да се откријат. Ние 80% не ни знаеме кои се тие, има луѓе на улица што застануваат кои издаваат стан,сместување , „смештај дан требит“ и тн. Ги чекаат гостите на автобуска станица, не се пријавени ниту на букинг, никаде, велиМарјан Трпески – менаџер на хотел.

Локалното население и даночните обврзници имаат клучна улога во подобрувањето на даночната дисциплина. Нереално високи цени и непријавени услуги ја нарушуваат репутацијата на Охрид како туристичка дестинација, што може да влијае на туристичката индустрија. Ставот на локалната самоуправа од Охрид, во врска со справувањето со сивата економија во градов е следниот:

Gosti_ohrid


Треба да се истакне и фактот што во последните 2 години практично нема т.н диво поставени објекти, велат од локалната. Урбаната опрема која е поставена во старата чаршија и на кејот е со целосна документација. Тековните проблеми и недостатоци се надминуваат со постојана контрола на општинските инспектори, во согласност со законот и нивните надлежности, велат од Општина Охрид.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на нашите прашања во врска со сивата економија во туризмот и угостителство, посебно во летниот период: какви се согледувањата, во кои домени има најголем проблем со сива економија во туристичките места, дали сметате дека се потребни таргетирани мерки за сузбивање, каква е оценката за борбата против сивата економија и работата на црно, дали од АППТ сметате дека се исполнуваат чекорите на надлежните за борба против сивата економија, со флоскулни одговори и општо познати констатации, без конкретни препораки, мерки или иницијативи.

Охрид Кеј Фото: Ѓоко Симјаноски

Растот во туризмот не значи и развој на туризмот. За да може една дестинација да се развива потребни се вложувања и одржливи финансиски приходи, а со континуираното игнорирање на потребата од поставување на систем за следење и контрола на микро ниво, во сите сфери на туризмот и угостителството, ќе се соочуваме со проблеми кој го уназадуваат туристичкиот развој на земјава. Локалните самоуправи имаат мал број или воопшто немаат туристички инспектори, со што се оневозможува спроведување на контроли за плаќање на туристичката такса, а повлекува затајување и на друг тип даноци во државата, имаме неажуриран систем за регистрирање на категоризирани приватни сместувачки капацитети на локално ниво, постоење на неформална сезонска вработеност, а и државава сеуште нема креирано и имплементирано соодветен информациски систем за дигитализација на туристичко-угостителскиот сектор “е-туризам”, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Друг аспект од сивата економија е и непријавувањето на работниците, особено во туристичко -угостителскиот сектор во летниот период. Периодичната зголемена активност на работници, особено средношколци, кои се вработуваат сезонски и потоа се одјавуваат, создава потешкотии во следењето и евидентирањето на даноците.

Многу работници, особено сезонски, работат без официјални договори или со краткотрајни договори кои не ги пријавуваат како регуларни вработени. Ова ја намалува правната заштита на работниците и го ограничува нивниот пристап до социјални и здравствени услуги.

Во изминатиот период (мај, јуни, јули до денес) зголемен е бројот на нови лица кои се евидентираат за прв пат во регистарот во Агенцијата за вработување. Тоа се лица средношколци, кои немаат статус на активни баратели на работа, туку се внесуваат во системот на Агенцијата, започнуваат со работа претежно во угостителската дејност, засноваат работен однос согласно Закон за работни односи. Пропорционално на тоа се зголемуваат и пријавите М1 и засновањето на работен однос за овој период, и истите лица се одјавуваат кон месец септември. Исто така забележуваме зголемување на пријавите за работа на дополнителни 10 часа особено во летниот период, информираат од Агенцијата за вработување на РМ.

Колку се искоординирани надлежните институции за сузбивање на сивата економија и кога може да очекуваме дигитално, софтверски поврзани финансиски институции како што е систем на е-фактура, Муневски од УЈП со одговор:

На национално ниво постои Акциски план за борба со сивата економија во којшто е вклучена и УЈП, покрај пазарна, трудова инспекција и други институции и задачата е таа, да се бориме со сивата економија. Борбата не значи само репресивно да ги притискаме да плаќаат даноци, туку таа борба значи да се најде начин и мерка да се вклопат тие, да се усогласат со законите. Дигиталната трансформација е примат наУЈП. Во наредниот период ќе се работи на многу дигитални софтвери, е-фактура, е-плаќање, е-издавање на документи. Во периодот што следи Управата ќе излезе со информации на тоа поле, кажа М-р Злате Муневски, даночен советник УЈП.

Додека властите не ги преземат потребните мерки, ќе продолжиме да читаме, гледаме и слушаме по медиумите за тоа колку објекти се привремено затворени, колку казни се изречени… Додека проблемот не се реши системски, за некои субјекти сеуште поевтино ќе биде да платат казна, отколку да работат според законот.