Skip to main content

Започнува второто издание на Ohrid Water Festival

До 31 август охриѓани и гостите ќе имаат можност да проследат 20 возбудливи спортски настани, изложби, едукативни презентации и концерти.
 |  Маја Савиќ  | 

Започнува второто издание на манифестацијата за промоција на водените спортови на Охридско Езеро, Ohrid Water Festival. Оваа година во рамки на фестивалот има 20 спортски манифестации од кои најголем дел се со меѓународен карактер. Горди сме што концептот кој беше успешно реализиран минатото лето прераснува во една платформа за промоција на нашето природно богатство и спортска традиција, истакна на денешната прес конференција градоначалникот Кирил Пецаков.

„ Нашето езеро со своите кристално чисти води и уникатни пејзажи ќе прерасне во арена за 20 возбудливи спортски настани. Секој од нив ќе биде уникатно доживување кое ќе ги исполни очекувањата на публиката. Покрај сите традиционални натпревари и активности на вода, круна на целата манифестација и годинава ќе биде Охридскиот пливачки маратон кој се одржува на 31-ви август. Како пропратен дел на спортските настани предвидени се и богати социјално-едукативни содржини со низа интересни и забавни активности кои ќе се одвиваат на платото пред хотелот Палас. Целта е да се создаде атмосфера која ќе го привлече вниманието на секој посетител и ќе ги поттикне сите генерации да уживаат во оваа манифестација . Ги поканувам сите љубители на спортот и добрата забава да бидат дел од Ohrid Water Festival и да бидат наши гости во текот на наредните 8 дена.“ – кажа Пецаков.

Во деновите што следат охриѓани и гостите ќе имаат можност да проследат регати во кајак, веслање, трки во пливање, Балкански јуниорски куп во пливање со околу 200 пливачи, SUP трки, митинг во пливање, рекреативно пловење со едрилици, ватерполо на отворено, акватлон, Водени лудории, трки со педалинки и табланет под вода и уште многу други активности и содржини. Ако минатата година нашата цел и визија беше да ги обединиме сите охридски водени спортови, оваа година со гордост можеме да кажеме дека тоа успешно го направивме и Охрид и Македонија конечно добија спортско туристички бренд под име Ohrid Water Festival поврзан со нашиот заштитен знак Охридското езеро, рече Јоне Станкоски од организациониот одбор.

„Една од целите на фестивалот беше развојот на заборавените водени спортови кој отсекогаш беа белег на нашиот град , но денес можеме да кажеме дека со поддршка на Општина Охрид , Градоначалникот и Фестивалот клубовите успеаја да бележат раст , а тоа може да се види преку поголемиот број на деца вклучени во тренажниот процесно и преку зголемениот број на натпреварувачи , клубови од земјава и странство во секој спортски настан поединечно.“ – кажа Јоне Станкоски од организациониот одбор.

Во делот на заштита на Охридското езеро којашто е една од целите на фестивалот продолжува соработката со НУ Хидробиолошки завод од Охрид која ќе има свој отворен ден. Клубовите ќе презентираат и спортска опрема и ќе делуваат едукативно.

„ Овај фестивал е вистинско славење на нашето природно богатство и културата што го опкружува. Годинава фестивалот го проширивме со многу повеќе активности кои ги обединуваат уметноста, музиката, спортот и екологијата. Социјално едукативната и забавна програма ќе започне на 27ми август со изложба во организација на Клубот за подводни дејности, изложби ќе имаат и Здружението на риболовци Св Апостол Петар, Нуркачките центар Амфора и Акватек. Во музичкиот дел ќе настапат Емилија Колоска и група Балтер, диџеи и Наум Петрески и Милован Секулоски со група Сарај. За најмалите ќе има концерт Златно славејче и концертот Дизни во организација на ОМУ Методи Патче.Посетителите ќе може да уживаат и во гастрономски специјалитети подготвени од Слоу фуд Охрид.“- кажа Никола Вретоски- Претседател на Ohrid Water Festival.

Градоначалникот Пецаков на прес конференцијата јавно се заблагодари на сите клубови и организациониот одбор на фестивалот потенцирајќи дека нивната посветеност и труд во подготовките и целокупната логистика се доказ дека Охрид има капацитет, креативност и секако храброст да организира вакви големи настани.