Претставени учесниците на 37. Охридски пливачки маратон
На пригодна свеченост која се одржа вчеравачер на платото пред хотелот „Палас“ беа претставени учесниците на 37. Охридски пливачки маратон, што ќе се одржи во сабота на 31-ти август.
На патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри оваа година ќе запливаат вкупно 19 натпреварувачи од кои 11 во машка и 8 во женска категорија. Покрај домашните пливачи, на маратонот ќе учествуваат и пливачи од Франција, Холандија, Бразил, Хрватска, Аргентина, Данска, Турција и Косово. Оваа година маратонската трка е дел од престижната „LEN World Aquatics“.
Пред присутните на свечената промоција свое обраќање имаше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
– Во овие моменти на неповторлива спортска енергија, ми претставува огромна чест и особено задоволство што можам да дадам свој личен придонес за продолжување на децениската традиција и што имам можност да го најавам 37-то издание на Охридскиот пливачки маратон, симбол на нашиот Охрид и прекрасното Охридско Езеро. Секој сончев зрак во пространата езерска шир раѓа нова приказна за природната, културната и историската вредност на овој древен регион. Се радуваме што охридската езерска шир не е само огледало на убавината, туку секоја година е арена на голема храброст, која ја носат учесниците на маратонот. Горди сме што оваа година имаме 19 храбри срца кои ќе пливаат на 25 километарската патеката од Свети Наум до Охрид. Нивната посветеност и упорност се инспирација за сите нас и во мое лично име и во името на моите охриѓани, им честитам на подготвеноста да се впуштат во оваа одважна пливачка авантура. Верувам дека нивното патување во водите на Охридското Езеро ќе им донесе едно неповторливо искуство и ќе им создаде незаборавни спомени. Легендарниот светски пливач Марк Шпиц рекол:
„Верата во себе е важна, но вистинската моќ доаѓа од подготвеноста да се натпреварувате сами со себе.“ Драги маратонци, ви посакувам да имате голема верба во сопствените квалитети и самоуверено да ги остварите вашите спортски цели. Оваа можност сакам да ја искористам и да упатам особена благодарност до сите оние кои се вклучени во организацијата и кои го поддржаа овогодинешното издание на пливачкиот маратон. Вашата општествена одговорност е доказ дека само низ заедничка соработка може да се постигне посакуван успех. Општина Охрид останува неуморно посветена на поддршката на спортот и развојот на нашиот град како светска спортска дестинација. Нашето вложување во спортските настани ја потврдува нашата визија и верба во огромните потенцијали на регионот, особено за водените спортови. Доказ за тоа е успехот на Ohrid Water Festival, кој оваа година, покрај Охридскиот пливачки маратон, вклучи уште 19 спортски настани на вода и богата социјално-едукативна програма. Верувам дека оваа манифестација ќе продолжи да расте и да се развива и дека ќе биде препознатлив белег за Охрид и Македонија. Посакувам да имаме успешно издание на Охридскиот пливачки маратон, мирно езеро, погодни временски услови и врвни резултати за маратонците, истакна Пецаков во своето обраќање.
Во рамки на настанот беше доделена спортската награда „Климе Савин“ , која оваа година му беше врачена на реномираната македонска пливачка Теодора Раптис за посебен придонес и афирмација на Охридскиот пливачки маратон.
Охридскиот пливачки маратон е главен спортски настан на второто издание на фестивалот на водени спортови Ohrid Water Festival. Организатор на маратонот е Општина Охрид со поддршка на Претседателот на Република Македонија, Министерството за спорт и Пливачката федерација на Македонија. Технички организатор на настанот е ПК „Охридски бранови 2008“ од Охрид.