Се намалува бројот на ученици во Охрид
Продолжува трендот на намалување на бројот на ученици во Охрид. Годинава во охридските училишта на првиот училишен час ќе седнат 435 првачиња, а лани биле 460. Што е цела една паралелка помалку. Причините за намалувањето се во трендот на иселување и намалениот наталитет.
Советот на општина Охрид даде соласност за формирање на паралелки со помал број ученици од законскиот минимум.
„Драстично помал број од она што претходно сме биле навикнати. Кога станува збор за бројот на уписот на првачиња конкретно на седницата на Совет, ние ќе мора да дадеме согласност за формирање на паралелки кои што се под законскиот минимум. Под 24 во основните, под 34 во средните училишта. Пред две години беа 550 првачиња, лани беа 460″, вели професорот Перчо Божиновски, Претседател на Совет на општина Охрид.
Последните години ратсе интересот за стручно, а опаѓа за гимназиско образование. Најголем интерес има за за електотехничките и машинските струки, особено за информатичките и телекомуникациските профили. Концептот за дуално образование и потребата од работна сила во фабриките во регионот се главните причини за оваа состојба.
„Со концептот на дуалното образование кај учениците предизвика интерес, но и отворањето на фабриките како Костал, ОДВ , Магна, побара таква работна сила особено знаејки дека целта на дуалното образование е произведување на онаа работна сила онаа струка која е потребна на пазарот на трудот. Исто и во средното угостителско и економско училиште, така што тој тренд овие години е значителен”, вели Божиновски.
Новиот концепт на едносменска настава во Охрид од утре стартува во охридската гимназија и во шест основни училишта.
Новинар Соња Рилковска