МОН ја укина текстилната струка во „Нико Нестор“, запишаните 5 ученици да одберат друга струка
За петмина ученици од текстилната паралелка во струшкото „Нико Нестор” вчера не започна учебната година. Иако уредно се запишаа на објавениот конкурс на првиот училишен ден им било кажано дека овој смер со одлука на МОН е укинат. Од училиштето им било понудено да изберат некој друг профил од постоечките, бидејки поради слабиот интерес оваа насока нема да може да се реализира.
Учениците разочарани, дел од нив не сакаат да изберат друга струка. Родителите пак, револтирани, велат не знаат што ќе биде со нивните деца. Им се наметнуваат нови смерови кон кои децата немаат никакви афинитети.
-„Оваа година на текстичната струка се запишаа само пет ученици. МОН донесе одлука да се укине смерот, запишаните ученици да изберат друга струка. Испративме известување до МОН, чекаме одговор, што ќе биде со учениците кои не сакаат да изберат нова струка. Имаме место во сите други струки за овие деца”, вели директорката на средното „Нико Нестор”, Кети Јанкоска за ТВМ.
МОН преку допис пред повеќе од еден месец го извести училиштето дека се укинува текстилната струка.
-Поради малиот интерес во двата уписни рока, пет ученици во македонска и двајца ученици во албанска настава тектилната струка нема да се одобри. Пријавените ученици од таа струка пренасочете ги во другите струки, стои во дописот на МОН.
Пред две години на текстилниот смер во Струга биле запишани само четири ученици, но се формирала паралелка и тие сега се веќе трета година. Укинувањето на струката ќе предизвика и други проблеми, дел од професорите не ќе можат да го исполнат потребниот фонд на часови.
Новинар Соња Рилковска