Иницијатива за формирање мрежа за еколошка едукација
Црвен крст Охрид, Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје и Јавната установа Национален парк Галичица иницираа формирање мрежа за еколошка едукација во којашто ќе членуваат основни училишта и невладини организации од охридско-преспанскиот регион и од соседните региони.
Едукацијата, формална и неформална, а особено едукацијата на младите генерации, е клучна компонента на грижата за природните богатства и на заложбите за одржлив развој. Така, основната цел на формирањето на Мрежата е унапредување на еколошката едукација во охридско-преспанскиот регион со акцент на едукацијата за зачувување на природните вредности во Националниот парк Галичица, како и едукацијата за влијанијата на климатските промени врз Паркот и, пошироко, врз регионот, велат од Црвен крст Охрид.
Во фокусот на работењето на Мрежата ќе биде едукацијата на учениците од основните училишта. Преку меѓусебна соработка и градење партнерства, членките на Мрежата ќе работат на ширење на знаењето за природните богатства во Паркот и на промоција на грижата за тие богатства и ќе поттикнуваат проактивен однос кон предизвиците коишто произлегуваат од климатските промени.
За да се презентира оваа иницијатива пред заинтересирани организации, на 30.08.2024, во просториите на Црвен крст Охрид се одржа состанок во којшто учество зедоа претставници на основни училишта и невладини организации. Иницијативата ја презентираа Катерина Наумоска, претставничка на Црвен крст Охрид и Ангела Тасеска Михајловска, претставничка на Јавната установа Национален парк Галичица. Потоа, присутните отворија дискусија за начинот на дејствување на Мрежата.
Мрежата за еколошка едукација се воспоставува во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“, којшто е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а го спроведуваат Црвен крст Охрид и Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ во соработка со Јавната установа Национален парк Галичица.