Започна доделувањето на ваучери за туризам од 18.000 ден за работници со ниски приходи
Од денеска започнува доделувањето на ваучерите-потврди за одмор за работници со ниски приходи, согласно Програмата за поддршка на домашниот туризам,објави Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Решенијата за граѓаните кои аплицирале и ги исполниле условите согласно јавниот повик се потпишани, согласно принципот прв дојден прв услужен. Ваучери за одмор за работници со ниски приходи во домашните туристички капацитети во вредност од по 18.000 денари ќе добијат 1.777 лица, соопшти министерот Дурмиши.
„ Интересот за оваа мерка беше многу голем и од страна на угостителите и од страна на апликантите. Имајќи предвид дека со оваа активност министерството за економија и труд им помага на угостителските објекти надвор од туристичката сезона да можат да остваруваат дополнителен приход, додека пак на работниците со ниски приходи им овозможува да користат угостителски услуги во нашите туристички центри.“ – кажа министерот Дурмиши.
По ребалансот на буџетот, за оваа мерка се предвидени вкупно 32 милиони денари. Списокот на апликантите кои добиле ваучер е објавен на веб-страницата на Mинистерството за економија и труд, а списокот на хотели каде ќе може да се искористат ваучерите ќе биде објавен за 10 дена. Овие ваучери може да се користат од 15 септември заклучно со 1 декември во некој од угостителските објекти кои се пријавиле во Министерство за економија и труд.