Општина Охрид аплицира со 10 инфраструктурни проекти на повикот на Министерството за локална самоуправа
Денеска истекува рокот во којшто општините треба да достават список на проекти за аплицирање на јавниот повик што го распиша Министерството за локална самоуправа. Станува збор за реализација на инфраструктурни проекти за што на општините им се на располагање 250 милиони евра. Општините аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието.
Општина Охрид аплицира со 10 инфраструктурни проекти.
-Реконструкција на улица во село Пештани;
-Реконструкција на улица во село Подмоље;
-Реконструкција на улица во село Долно Лекочереј;
-Реконструкција на водоводна линија на ул.„Кленоец“ ЛТХ „Леарница;
-Реконструкција на пешачки улици во рамките на градските гробишта во Охрид;
-Реконструкција на локален пат од крстосница за село Рамне до црква „Свети Атанасиј“;
-Проект за замена на постоечка опрема во пумпна станица „Метропол“;
-Реконструкција на атмосферска и фекална канализациона мрежа за дел од улица „Кленоец“;
-Реконструкција на улица во село Опеница која води до црквата „Свети Кузман и Дамјан“;
-Рехабилитација на дел од локален пат за село Куратица.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека пристигнуваат апликации на повикот од сите општини, потенцирајќи дека очекува целиот процес да заврши успешно. До сега над 70 општини поднеле повеќе од 250 проекти.
По добивање на апликативните формулари, почнува процесот на евалуација која се очекува да заврши во рок не подолг од 10 дена и врз основа на истата, ресорните министерства изготвуваат предлог одлука кои проекти ќе се финансираат од нивна област и таа предлог одлука се доставува на усвојување на владина седница.
Средствата ќе се доделат преку шест ресорни министерства и тоа: Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за спорт. За следење на целиот процес формирано е владино координативно тело, коешто ќе го предводи Министерството за локална самоуправа и во истото ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства. Мицкоски, пак, неодамна изјави дека процесот ќе биде целосно транспарентен и достапен на увид на целата јавност.
Од вкупно предвидените 250 милиони евра за капитални проекти, со сега распишаниот повик на располагање на општините до крајот на годинава се ставаат шест милијарди денари, односно речиси 100 милиони евра.