Утре ќе биде готова есенската кошница со 100 производи со ограничени цени
Се крои списокот на производи кои ќе се најдат во есенската потрошувачка кошничка. Овошје, зeленчук, ориз, грав, месо се дел од производите што според министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ќе бидат со пониски цени како мерка за помош на стандардот на граѓаните. Дали мерката ќе се состои во ограничување на цените на одредено ниво или, пак, на маржата ќе зависи од одлуклата на Работната група што е формирана за изработка на оваа кошничка.
„Министерството за економија и труд заедно со министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство и со финансии формираа работна група која до утре треба да направи есенска потрошувачка кошничка која кошничка ќе опфати околу 100 основни прехранбени и земјоделски производи. Работната група ќе направи една симулација за ограничување на цените на одредено ниво или за ограничување на маржата од 5, 10 или 15 отсто“, рече Дурмиши денеска при неговата посета на книжарници во Скопје.
Министерот најави дека одлуката што ќе ја донесе работната група, наредната недела ќе биде доставена до владата за да се усвои. Откако ќе помине на Влада веднаш ќе се премине на нејзино спроведување и обезбедување на почитување на истата, вели Дурмиши.
Мерката за воведувањето на есенска кошничка ќе продолжи, најави министерот.
„Оваа акција ќе ја продолжиме како Министерство за економија и во наредниот период како зимска кошничка , велигденска кошничка, рамазанска.“ – рече Дурмиши.
Во однос на Законот за нефер трговски практики, министерот Дурмиши на став дека фирмите имаа шест месеци рок да ги усогласат своите цени и најави дека на крајот на овој месец ќе стапи на сила.