Есенската кошничка ќе почека, Владата ќе разговара со производителите и трговците
Денеска, според најавите, требаше да биде познато кои производи ќе ја сочинуваат есенската кошница и тоа дали ќе се примени мерка ограничување на цената или на маржата на тие производи. Министерството за економија денеска требаше да добие предлог од работната група за есенската потрошувачка кошница со над 100 прехранбени производи и истиот да биде усвоен на утрешната редовна седница на Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска изјави дека рокот се пролонгира поради дијалог со производителите и трговците.
„ Утрово имав разговор со министерот за економија и труд да ги покани на состанок и производителите и трговците и да разговараме кој е најдобриот начин за да им помогнеме од една страна на граѓаните, а од друга страна и тие да бидат задоволни како производители и како трговци. Не мора да значи дека во текот на утрешниот ден на владина седница ќе биде предлогот или една недела подоцна ако е потребно додека да се усогласат ставовите. Не сакаме на сила ништо да правиме“ – изјави Мицкоски.
На новинарско прашањето дали би ја прифатил мерката замрзнување на цените,со оглед на тоа што претходно изјавуваше дека не е правилно во пазарна економија, Мицкоски рече дека стои зад тоа што го кажал.
„Имате некогаш моменти кога гледате како поединци реагираат како монопол и како дуапол и вие тогаш ќе морате да интервенирате офанзивно. Ова како што ние го правиме. Онаму каде што навистина пазарната економија и пазарните пракси ги диктираат цените таму ние не интервенираме. Но, има услови кога ќе ги видите увозните цени и кога ќе видите како хируршки прецизно е поделен пазарот, тогаш не ви останува ништо друго освен да им помогнете на граѓаните бидејќи не може непристојно некој да се богати на грбот на граѓаните, каде што имаме монопол, дуапол, а во некои случаи и триапол“ – рече Мицкоски.
Прашан дали е повеќе за праксата за замрзнати цени или за ограничување на маржите, Мицкоски одговори дека тој е за тоа да сопре богатењето и крадењето на граѓаните. Додаде дека ќе се разговара со сите засегнати страни, роизводителите и трговците од една страна и Владата од друга во интерес на доброто на државата и на граѓаните. Тој смета дека есенската кошничка, што се најавува со овој предлог на Министерството за економија и труд, не е задоцнета затоа што есента сè уште не е почната.