Ќе се згрижуваат децата во струшките градинки
Од денес ќе се згрижуваат децата во струшките градинки. Избран е директор, а дваесеттината негователки и воспитувачки се повикани на работа. Нив им е ветено дека од 01 октомври до крајот на годинава ќе добиваат минимална плата со осигурување, а од следната година ќе се чека и согласност за вработување од министерството за социјална политика.
По две недели префрлување на вината на релација општина и министерство за социјална политика ова е времено решение. Трајното решение е вработување на негователките и воспитувачките кои со години, а некои и децении работат за месечен надомест од 10 000 денари без осигурување.
Поради недостиг на персонал, од почетокот на септември во струшките градинки не се згрижуваат децата. Не работат јаслите, а повозрасните групи функционираат само до пладне. Родителите протестираа пред општина Струга.
-Во летниот период два месеци градинката не работи па сите одат во една група во другата градинка, па во зимскиот период пак не работи мора да одат во иста група. Ако грижата за најмладите на овој свет не е најважна ние како општество пропаднавме воопшто, вели Јованчо Мацески родител.
-Нова година стари проблеми за жал не е решен статусот на воспитувачките и негователките не може само една да се справи со 30 деца, вели Слободанка Јаулеска родител.
Според министерството за социјална политика вработувањата на стручниот кадар во ЈОУДГ „8 Март”, во Струга беше оневозможено поради неименување на директор од страна на градоначалникот.
Инспекторите од Одделението за заштита на децата при Министерството за социјална политика, извршија вонреден инспекциски надзор во ЈОУДГ „8 Март”, Општина Струга и констатираа дека се згрижуваат деца со намален капацитет, а градинката од 30.07.2024 година нема ниту вршител на должноста директор. Беше дадено укажување на општината веднаш да постапи, бидејќи со настаната состојба е оневозможено тековното функционирање на предучилишната установа, стои во соопштението на министерството за социјална политика.
Проблемот со недостиг на персонал во струшките градинки се провлекува со години, за што во јануари протестираа негователките, а овој месец и родителите.
Новинар Соња Рилковска