Емир Муфти е нов претседател на Ротари клуб „Охрид“
Ротари клубот „Охрид“, по традиционалната летна пауза, синоќа го одржа првиот редовен состанок за актуелната ротаријанска година.
Од клубот информираат дека на состанокот станало збор за активностите и настаните кои биле реализирани во ротаријанска година која измина, како и идните планови и активности кои претстојат за тековната година.
“Се изврши и примопредавање на претседателската и секретарската функција, со што претходниот претседател на клубот Олег Маленко, во присуство на членовите на клубот, свечено му го предаде Ротаријанскиот ланец, заедно со инсигниите на идниот претседател Емир Муфти, кој го презеде мандатот и претседателството на клубот за оваа ротаријанска година. За секретар на клубот беше назначен Драги Здравески.” – информираат од клубот.
Маленко пред присутните се заблагодарил за довербата и изразил чест и задоволство за досегашното раководење со клубот, среќен што раководството го презема Емир Муфти, кој исто така најавил силна волја за понатамошно успешно работење на клубот и оставање на сериозни траги од успешното егзистирање на клубот во нашата заедница и пошироко.
“На овој свечен настан, Ротари Клубот „Охрид“ беше почестен и со присуството на Гувернерот на Ротари Дистриктот 1912 за Словенија и Макединија – Мирослав Штравс кој го посети охридскиот клуб како прв во рамките на неговата посета на клубовите низ Македонија. Тој изрази чест и задоволство што присуствува на ваквиот настан, особено во град како што е Охрид и исто така на претседателот му ги предаде обележја за неговата ротаријанска година,” – велат од клубот.
Ротари Клубот „Охрид“ важи за еден од првите вакви клубови во Република Македонија и претставува важна алка на Ротаријанството како во земјата, така и пошироко, клуб кој со својата долгогодишна дејност се истакнал со проекти од голема важност за нашата заедница, градот Охрид, околината и државата, притоа соработувајќи со клубови во и надвор од нашата земја на локални и меѓународни проекти кои до ден денес се во директен бенефит особено на нашата локална заедница.