Изготвен проект 2019-та, предвидена реализација во 2023-та, се надеваме на старт во 2025-та. Кога ќе добие Охрид реновиран студентски дом?
Средината на месец септември е период кога започнуваат да доаѓаат студентите во Државниот студентски дом „Никола Карев“ во Охрид. Бруцошите на Факултетот за туризам и угостителство и Универзитетот за информатички науки и технологии доставуваат документи за остварување на правото на сместување, додека пак оние од повисоките студиски години кои добиле легло доаѓаат да ги потпишат договорите и да се сместат.
Ги пречекува солиден објект, сместен на прекрасна локација на 70-тина метри од градскиот кеј на Охридското Езеро, во близина на двата факултети. Објектот со приземје и четири ката е изграден во далечната 1964 година како депанданс на х.Палас, а од 1998-та година е пренаменет во студентски дом. Располага со 90 соби и 240 легла. Собите се две, три и четирикреветни и секоја има сопствено купатило и балкон.
Марко Гелевски, студент на трета година на ФТУ, вели дека ова е еден од подобрите домови во државата.
„Условите во домот се солидни, но има голем простор за модернизација на истиот како на пример на кујната во која треба многу да се вложува за основниот живот на студентот…исто така во собите, потоа да се отвори некое катче за дружба на студентите кои престојуваат тука. И на студентите коишто доаѓаме од страна да ни се овозможи паркинг место за нашите возила. Во моментов некои соби се модернизирани, односно уредени, но има многу соби кои не се, во кои ништо не е вложено долг период. Скршени прозори, влага во ѕидовите, има недоуредени купатила каде има промаја преку зима и е многу сурово за престојување. Би сакал и во тие соби да се вложи малку повеќе за да може и останатите студенти, новите што се запишуваат да ги привлечеме и да имаат поубав студентски живот.“
Домот добива од државата по 3.410,00 денари по студент, а 3.895,00 ден плаќаат студентите. За оваа сума добиваат сместување, два оброка дневно, топла вода и греење. Тоа е одлична цена за сместување за студентскиот џеб, посебно во туристички град како Охрид. Ако се земе предвид дека во просек се сместуваат не повеќе од 130 студенти, тие 7.305,00 ден или околу 120 евра по студент, не се доволно средства за менаџментот на домот да може да работи на подобрување на условите. Со нетрпение го очекуваат реновирањето најавено од државата, кое според првичните најави требаше да започне во 2023-та година.
–Во текот на мандатот на новата Влада предвидена е реконструкција на 9 државни студентски домови. Реконструкцијата на „Кузман Јосифовски – Питу“ е во тек, додека наскоро ќе започнат и активностите во „Стив Наумов“, за што ќе се инвестираат 17 милиони евра. Средствата се обезбедени преку заем од Германската развојна банка и грант од Програмата за енергетска
ефикасност на ЕУ за Западен Балкан. Во следните фази, ќе бидат опфатени останатите студентски домови и во моментов се прават проекции на износот на инвестицијата, информираат од МОН.
Охридскиот дом, затоа што бил во добра кондиција со солидни услови, преместен е во втора фаза од планот, вели Жарко Куциноски, директор на студентскиот дом „Никола Карев“.
„Државниот студентски дом „Никола Карев“ е внесен во втората фаза за реновирање, односно по завршување на скопските студентски домови „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“. Сите документи коишто се бараа од нас се обезбедени, сега се чека само од Министерството за образование и наука да се започне со реновирање на овој студентски дом. Се надеваме дека тоа ќе се случи набрзо, односно веќе во 2025 година.“
Инаку, самиот проект за реконструкција и реновирање на државниот студентски дом „Никола Карев“ како и останатите студентски домови датира од декември 2019-та година.
„Што опфаќа проектот? Целосно реновирање, целосна реконструкција започнувајќи од надворешниот изглед на домот односно фасадата и кровот, потоа внатрешниот дел рецепцијата, ресторанот, канцеларии, сите соби од прв до четврти спрат. Планирано е со реновирањето да се промени целата електрична и водоводна инсталација, интернет мрежата, ќе има и централна климатизација. Тоа значи од влегување во домот кај рецепцијата , ќе бидат поставени панели кои на лето ќе ладат, на зима ќе греат. Имавме некои мали проблеми околу документацијата, меѓутоа успеавме некако да обезбедиме документ и за тоа, односно за поставување на панелите (фотоволтаици) коишто треба да се постават на кровот. Успеавме да пронајдеме заеднички јазик со Националната канцеларија на УНЕСКО, од каде ни дозволија панелите да се постават некаде околу 20% наведнати, за да можеме да ја искористиме сончевата енергија која во Охрид ја имаме доволно“, објаснува Куциноски.
Во периодот на реконструкција на домот, студентите ќе треба сами да си обезбедат сместување.
–Студентските домови етапно ќе се реконструираат, а тоа значи и дека етапно ќе се затвораат и нема да бидат составен дел од конкурсот за сместување студенти во соодветната година, велат од Министерството за образование и наука.
Директорот Жарко Куциноски, кој на функцијата е на половина од вториот мандат, се обидува со она малку средства што ги има на располагање да го одржува најдобро што може и да вложува во подобрување на условите во домот. Од сопствен буџет е реновиран и уреден простор за сала за состаноци, кој се користи и комерцијално, како дополнителен извор на средства за домот.
„Од моето доаѓање од пред 6 години во овај државен студентски дом успеавме колку толку нешто да санираме, односно да реновираме. Направивме семинарска сала, односно сала за конгреси и едукација. Сите коишто имаат потреба од некакви предавања или состаноци ги одржуваат во оваа сала. Оваа сала беше оставена така, заборавена, меѓутоа со моето доаѓање е преадаптирана во семинарска сала“, кажува директорот.
На првиот спрат има 20 соби кои се целосно реновирани и адаптирани за комерцијални гости во летните месеци јули и август, но и во текот на цела година доколку останат слободни соби.
„Бројот на студенти ни е намален и секоја година се намалува, ние сме принудени да работиме и како хостел односно со комерцијални гости. Реновирањето на собите на првиот спрат е од сопствени средства, односно од средствата кои ги добиваме од комерцијалните гости. Овде во секоја соба има телевизор, интернет wi-fi и wLan.“
Од вториот спрат започнуваат проблемите. Се гледа дека собите се руинирани, на ѕидовите има огромни флеки од влага, искршена стара дограма.
„Многу тешко во моментов е да се одржува студенсткиот дом затоа што ние работиме само јули и август со комерцијални гости, а во тие месеци не добиваме партиципација од Министерството за образование и наука, што значи самостојно целосно ги покриваме трошоците за плата. Колку можиме го одржуваме овај студентски дом, меѓутоа средствата се тие што значи дека неопходно е целосно реновирање на домот, не само на собите туку и надворешниот дел, електричната инсталација, водоводна инсталација. Знаеме дека во стар објект што и да направиш и да поправиш другиот ден повторно нешто друго се јавува, такашто не сме во состојба моментално да го одржуваме онака како што треба со овие средства коишто ние ги имаме“, вели Куциноски.
Домот има потреба и од персонал. Во моментот има 19 вработени што е недоволно за одржување на домот кој работи и комерцијално со гости како дополнителен извор на средства. А треба да се спомне и тоа дека кујната на домот има функција и како народна кујна каде се подготвува и дели топол оброк на социјално загрозени граѓани. Досега на барањата за нови вработувања не добиле согласност од Министерството.
Куциновски смета дека треба да се работи и на можноста за користење европски пари. Тој е еден од иницијаторите да се организира Здружение на домови од Југоисточна Европа, со цел заеднички да настапуваат со проекти пред европските фондови.
*Со овој прилог ТВМ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во рамките на проектот „Користи факти“.