Граѓаните да внимаваат на рокот и изгледот кога купуваат храна, апелираат надлежните
Инспекциските контроли оваа летна сезона открија тони небезбедна храна во охридско струшкиот регион. Во промет во ресторани, маркети, месари, беа затекнати прехрамбени производи без декларации, со сомнителен квалитет и поминат рок, дел завршиле и на домашната трпеза. Во Центарот за јавно здравје не е регистрирано ниедно труење од храна, но лекарите велат конзумирањето на храна со поминат рок или сомнителен квалитет има штетни последици врз човековото здравје.
„Да земаат производи кои што се во рок на употреба, да не биде оштетена амбалажата, да не бидат производите спакувани во неадекватна храна. Лесно расипливите производи, млеко, млечни производи, месо, риба да се чуваат во разладен уред на адекватна температура и секако дека оние производители на храна да внимаваат на хигиената“, вели доктор Јованка Стурлакова Коровешоска од Центарот за јавно здравје Охрид.
Граѓаните велат им се случува да купат производи со поминат рок, без декларација па дури и да затекнат производи со бришан рок на пакувањето.
-Ми се случило и реагирав дури и на една павлака кисела имаше малку мувла. Инаку пазам на датите.
-Се случува. Јас гледам водиме рачун за тоа, обично може да се случи да биде заминат рокот а да не можеш да го видиш на пакувањето.
-Да се има случено и кога одев дома жена ми ќе види вика врати го назад. Многу пати го враќам. Дали го гледате рокот? Го гледам но кога не носам наочари земам на доверба и ќе погрешам.
Тони небезбедна храна во промет, а во Организацијата на потрошувачи во Охрид пријавени се само три поплаки за продажба на храна со поминат рок, од таму велат граѓаните не пријавуваат.
Новинар Соња Рилковска