Skip to main content

Доделени медалите на најуспешните млади информатичари на 31-та Балканска олимпијада

Македонија и Охрид домаќини на 31-та Балканска олимпијада по информатика на која учествуваат стотина информатичари од 15 земји од поширокиот балкански регион. Здружението на информатичари на Македонија успешно го организира натрпеварот и воедно ги запозна учесниците со убавините на нашата земја.
 |  Маја Савиќ  | 

Млади информатичари од 15 земји деновиве во Охрид се натпреваруваа на 31-та Балканска олимпијада по информатика. Олимпијадата, чиј домаќин годинава е Македонија, е натпревар во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа. Златниот медал го освои Даниел Којнов, ученик во Гимназија во Шумен, Р. Бугарија.

Информатиката е многу убава наука. Започнав да ја изучувам кога бев 5-ти клас и оттогаш се вљубив во неа и продолжувам до ден денес. Освојувањето на златниот медал за мене е едно голем успех, поважно за мене е тоа што го имаме ова издание каде можеме да се собереме со многу пријатели од други држави, да бидеме заедно. Многу сум задоволен.“ – вели Даниел.

Организатор на натпреварот е Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ). Новите генерации информатичари на овие олимпијади се вмрежуваат и разменуваат искуства од сферата на информатиката и иновациите, но и се дружат и се запознаваат со различни култури, вели Миле Јованов – Претседател на Здружението и професор на ФИНКИ.

„Овие настани, ваквата олимпијада практично овозожува да се промовира се повеќе науката односно информатичката област и тоа е целта практично. Ние сакаме тука преку собирање на најдобрите ученици и од Македонија и од сите други семји да дадеме позитивен пример на сите други наши ученици да се заинтересираат во областа, да работат и да постигнат врвни резултати. “ – вели Проф. Јованов.

Дамјан Давков од Штип, кој е ученик во математичко-информатичката гимназија во Скопје, освои сребрен медал за Македонија. Тоа е силно одличје за државата, вели Проф. Јованов.

„Ние успеваме да се носиме рамо до рамо со другите држави. Секогаш фаворити се ученици од Бугарија, од Романија кои имаат уште подолга традиција на натпреварување, но најчесто сме барем во првата половина по квалитет од сите овие балкански држави.“ – вели Јованов.

Информатиката е се поатрактивна за младите. Скоро две третини од полуматурантите одбираат да го продолжат образованието во стручни средни училишта. ФИНКИ секоја година бележи пораст на бројот на запишани студенти.

Генерално, информатиката е навлезена со години во сите пори на општетсвото, сите процеси се заменуваат со поинакви кои се потпомогнати или комплетно организирани со помош на технологијата, интернетот…Има што да се прави, можно е да се направат многу иновации, да се напредува, да се направи продукт кој ќе биде светски познат и признат и може и дури многу да се заработи во оваа област.“

Развивањето на талентот на учениците не смее да биде само на приватни иницијативи како што е организацијата на оваа олимпијада , вели професор Јованов, туку неопходна е институционална поддршка, системско решение и финансиска помош од државата.